Со нова тизер слика, Mazda го најавува новиот SUV модел CX-90, кој покрај обичниот мотор со шест цилиндри ќе биде достапен и во plug-in Hybrid верзија (CX-90 PHEV).
Треба да се напомене дека се работи за голем теренец подготвен специјално за северноамериканскиот пазар.
Mazda прв пат потврди минатиот месец дека CX-90, како и идниот CX-70, ќе се придвижуваат од линиски шестцилиндричен турбо мотор, а сега ја надополни информацијата со најава дека CX-90 ќе има и варијанта PHEV во својата гама, бидејќи компанијата се обврза да ја електрифицира целата своја линија на возила до 2030 година.
„CX-90 PHEV ќе ја задржи реакцијата, перформансите и динамиката на возење што ги дефинираат возилата на Mazda“, се вели во соопштението на компанијата. „Овој погонски агрегат, наместен специјално за северноамериканскиот пазар, ќе им го даде на клиентите најдоброто од двата света во однос на перформансите и ефикасноста.
Конфигурацијата PHEV наменета за CX-90 најверојатно ќе биде комбинација од 2,5-литарски четирицилиндричен и електричен мотор. Истата поставеност се нуди и во моделот CX-60, каде што испорачува комбинирана моќност од 323 КС.
Сè уште не е познато дали CX-90 ќе го замени CX-9, кој беше претставен во 2015 година или дали ќе се продава покрај него. Mazda претходно потврди дека CX-90 ќе биде SUV со три реда седишта, слични на CX-9. Исто така, има за цел да ги придобие клиентите на пазарите „каде се претпочитаат поголеми модели“.
„Елегантен, храбар и моќен инструмент на емоции, изграден и дизајниран да го подобри секое искуство што го споделувате со него – внатре и надвор“, истакнува Mazda во својата најава.
Компанијата ветува дека CX-90 ќе го претставува „најхрабриот израз на дизајнот на Mazda досега“.
Се додава дека CX-90 ќе ја има својата премиера следниот месец.