Еден од најпрепознатливите автомобили од франшизата „Брзи и бесни“ беше продаден на аукција за 911.000 фунти, или повеќе од еден милион евра.
Станува збор за Mazda RX-7 FD од 1992 година, управувана од Хан (Сунг Канг) во филмот „Брзи и бесни: Токио Дрифт“ (2006). Се верува дека ова е една од двете преостанати оригинални копии што останале по снимањето. RX-7 го има реткиот комплет за каросерија VeilSide Fortune на јапонската компанија за тјунинг и главно се користел за статични сцени. Карактеристичните ознаки за монтирање на камерата и ознаките #71 HANS сè уште се на каросеријата.
Каросеријата на овој автомобил е поширока од стандардниот RX-7 за повеќе од 20 см, а од оригиналните елементи се задржани само покривот и капакот на багажникот. RX-7 е обоен во портокалова бисерна боја, а се „валка“ на 19-инчни бандажи Andrew Premier Series Racing Evolution 5 со задни гуми Pirelli P Zero Nero со ширина од 305 mm.
Пред продажбата, купето беше темелно сервисирано, вклучувајќи го и ротациониот мотор, кој беше целосно реконструиран во работилницата RE-Amemiya. Автомобилот поминал малку повеќе од 100.000 километри, а по сервисирањето околу 8.000. Во последно време, претежно бил паркиран.
Цената, која е 911.000 фунти, или 1.050.102,69 евра, го прави овој RX-7 еден од најскапите од франшизата. За споредба, Toyota Supra (1994), која ја возеше актерот Пол Вокер, беше продадена во 2021 година за 550.000 долари, односно 473.270,95 евра, додека рекордот го држи неговиот Nissan Skyline GT-R (2000), за кој купувачот плати 1,35 милиони долари во 2023 година, што е околу 1,16 милиони евра.