Мечка во Колорадо позирала за околу 400 селфи пред камера во дивината

од Vladimir Zorba
189 прегледи

Црна мечка во Колорадо застанала и позирала пред камера со сензор за движење стотици пати – и така се родиле изненадувачките селфи фотографии.

На една од камерите и се појавила муцката на околу 400 од 580 фотографии.

Повеќето од другите животни во природниот парк Болдер едноставно поминуваат покрај камерата, барајќи храна или засолниште. Но, не и оваа мечка.

Таа „посебно се заинтересирала“ за камерата и ја искористила „можноста“, соопшти управата на овој природен парк.

„Фотографиите не насмеаа, па решивме да ги споделиме со другите“, изјави портпаролот Филип Јејтс во соопштението.

Тие објавија неколку слики на Твитер, а новата селфи ѕвезда набрзо привлече големо внимание на социјалните мрежи.

Еден корисник на Твитер се пошегува: „Мислам дека изгледам добро од напред, но како изгледам од страна? Дали ми е предолга муцката?“

Во паркот од 46.000 хектари има 9 камери за детекција на движење. Тие се активираат секогаш кога некое животно ќе помине покрај нив.

Кога се активираат, камерите снимаат фотографија или краток клип.

Мечки, птици, лисици и бувови се само дел од животните фатени на камерата досега.

На овој начин, администрацијата сака да научи „како различни видови ја користат природата околу нас“ – а тоа вклучува и селфи од мечка – со „минимално човечко присуство во овие чувствителни живеалишта“.

Камерите биле поставени на местата каде што животните најмногу се движат, што било утврдено од трагите и патеките кои ги правеле при нивното движење.

„Овие камери ни помагаат да видиме кои животни се таму и што прават во текот на денови, недели, дури и години“, вели Кристијан Нунес, експерт за диви животни.

Слични содржини