Изборниов циклус беше доказ за вистинитоста на изјавата на Карл Маркс: историјата се повторува, најпрвин како трагедија, потоа како фарса.
Кога пред шест години револтот од владеењето на Никола Груевски се излеа на улиците (а богами и на зградите и спомениците), демонстрантите доаѓаа од различни позадини, но целта беше единствена: да се урне режимот.
Што потоа?
„О том потом“. Тоа беше филозофијата на отпорот, без некаков осмислен план и стратегија. Граѓаните овој сегмент го делегираа на партиските опортунисти уфрлени во Шарената револуција, со наивна верба дека не се толку нечесни како што изгледаат.
На изборите што следуваа, таа елита во обид го убеди мнозинството дека не треба да гласа за оној за кој навистина верува дека го заслужува неговиот глас, туку за оној кој верува дека има најголеми шанси да го урне Груевски. Според перцепцијата на климата на јавното мислење, во тој момент тоа беше СДСМ, и се друго би било фрлен глас.
Останатото е историја.
А сега, историјата се повторува, со синтагмата „нека биде било кој, само не тој што е сега на власт“. И покрај тоа што знаеме дека триесет години секој следен владетел е полош од претходниот, сепак кога ќе дојде време за гласање, она што најмногу не мотивира е желбата да го казниме сегашниот владетел. Само на тој начин ја изразуваме нашата демократска моќ и право.
Она во што СДСМ полагаше најмногу надеж, е дека одбивноста кон Груевски е се уште доволно интензивна за да ја неутрализира одбивноста кон Заев. Затоа и играа на таа карта во кампањата – ајде да се обединиме против злото. Меѓутоа, сосема друго е кога зборуваш за злото од позиција на власт која трае пет години, и кога зборуваш од опозиција. Кога зборуваш против злото од позиција на власт, луѓето препознаваат дека го правиш тоа затоа што немаш нешто посебно добро да кажеш за себеси.
Со негативната кампања, СДСМ ја запечати сопствената судбина. Напаѓајќи ја кандидатката за градоначалничка на ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска за поседување бугарско државјанство социјалдемократите го допреа дното. Не се работи само за хипокризијата кога ќе се стави кампањата во контекст на мекоста и попустливоста на власта токму кон Бугарија во идентитетскиот спор. За партија која постојано се дефинира како прогресивна и чиј најголем адут е антинационализмот, обидот да мобилизира преку бугарофобија покажа дека не си го знае сопственото гласачко тело.
Да даваш позитивни сигнали за вклучувањето на Бугарите во Македонија како малцинство во Уставот, и во исто време да демонизираш противкандидат како „Бугарка“ е повеќе од двоен аршин. Тоа е очајнички обид да се користи секое можно оружје за да се порази противникот, без да се промисли дали ќе ти експлодира во рака. Дека владејачката партија веќе не бира средства се виде и во случаите со предизборен поткуп, кои уште повеќе ги нагласија паралелите со претходниот режим.
СДСМ и Заев власта во 2016 ја освоија со кампања за правда, антикорупција и слобода. Овие вредности требаше да изртат од Шарената револуција и навистина да донесат живот во Македонија, како што инспиративно гласеше слоганот тогаш. Со нивното владеење СДСМ ги уби овие вредности, а во оваа кампања ги закопа. Формулата за совршена рамнотежа меѓу позитивната и негативната порака се изгуби во пакоста и фрустрацијата.
Мракот на предизборниот амбиент дополнително го згусна и опозицијата. Поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица го истурија сиот гнев и омраза кон противниците на социјалните мрежи, не ретко повикувајќи на насилство, протерување, егзекуции и уште што не. Со тоа, предизборието доби димензија на античка трагедија на Еврипид. Како Медеја што ги убива своите деца, така СДСМ ја уби надежта, не само за добро владеење, туку и за достоинствена кампања.
Меѓутоа опозициските партии се покажаа како сериозни конкуренти за улогата на Медеја, со нивната крвожедност и одмаздољубие, во кое единствено им е важно да се порази Заев по секоја цена, дури и на сопствениот идентитет. Ова најдобро се покажа со формирањето на коалиција во локалните совети. Кога Левица реши и официјално да соработува со најбогатата и најпријателски настроена партија кон крупниот капитал, против која протестираше пред пет години, ја потврди првичната констатација – политичките актери во оваа држава се подготвени да ја продадат душата на ѓаволот, само да биде поразен сегашниот владетел.
И тоа е всушност конечната лекција од овие избори. Политичката сцена овде е театарска претстава, во која единствено не можеме да го утврдиме жанрот. Ако се водиме според изборната кампања одбележана од тенденцијата да се биде Медеја, тогаш се работи за трагедија. Замената на Груевски со Заев пред пет години беше првиот чин, овој е последниот.
Од друга страна, кога претендентот да биде трета опција коалицира со втората опција, тогаш можеме да ја сметаме политиката овде за тотална бурлеска. Меѓутоа во суштина, падот на Заев преку ваквото обединување против него ги потврдува зборовите на Маркс: откако ја надмина фазата на трагедија, политиката овде стана најобична фарса.
Најпосле, граѓаните се тие кои како Сизиф триесет години го туркаат каменот кон врвот, за на крајот да им падне и повторно да тргнат од почеток. Она за што се уште не се свесни е дека Сизифовиот камен не е една политичка партија за која гласале, туку сите заедно.
Проф. Иво Босилков
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.