Уште една сомнителна смрт меѓу членовите на елитата се случи во Русија – Вјачеслав Леонтјев (87), познат медиумски магнат и поранешен директор на весникот „Правда“, почина во Москва. Паднал од балконот на својот стан од висина од околу 20 метри, а полицијата истражува дали станува збор за несреќа, самоубиство или убиство.
Леонтјев со децении го водеше „Правда“, главниот гласноговорник на Комунистичката партија на СССР, и се сметаше за човек кој знаеше многу за тајните партиски фондови и исчезнатите пари од советскиот период. По распадот на СССР, тој го задржа влијанието и остана поврзан со издавачката куќа.
Протераниот новинар Андреј Малгин го нарече овој случај „уште една чудна смрт“, потсетувајќи дека „паѓањата од прозорци“ се случуваат сè повеќе во Русија. Тој рече дека Леонтјев бил пронајден пред неговата зграда на улицата Молодогвардејска и го опиша како „мистериозен милионер кој знаел каде отишле партиските пари“, објави „The Sun“.
Иако неофицијално се вели дека Леонтјев имал здравствени проблеми, неговата смрт се вклопува во низа мистериозни смртни случаи на руски бизнисмени и функционери, особено од почетокот на војната во Украина.
Во последните години имаше неколку слични случаи:
* Александар Федотов, поранешниот директор за транспорт во Санкт Петербург, бил пронајден мртов пред хотел во Москва.
* Роман Старовоит, министерот за транспорт, извршил самоубиство кратко откако Путин го разрешил.
* Равил Маганов (67), шефот на Лукоил кој ја критикувал војната, паднал од прозорец од московска болница во 2022 година, додека неговиот наследник Владимир Некрасов (66) починал една година подоцна од „срцев удар“.
* Виталиј Робертус (53), потпретседател на Лукоил, беше пронајден обесен во својата канцеларија во 2024 година.
* Павел Антов (65), бизнисмен и политичар, почина откако падна од прозорец на хотел во Индија во 2022 година.
* Марина Јанкина (58), висок функционер во Министерството за одбрана, почина откако падна од 50 метри во Санкт Петербург во 2023 година.
* Михаил Рогачев (64), поранешен потпретседател на Јукос, падна од десеттиот кат во 2024 година.
* Андреј Бадалов (62), потпретседател на Транснефт, почина во јули оваа година откако падна од зграда.
Сè поголемиот број вакви случаи, честопати поврзани со енергетскиот сектор, државните структури и политиката на Кремљ, предизвикува сомнежи во Русија и во странство дека може да станува збор за систематско елиминирање на луѓе кои знаат премногу или не се согласуваат со политиките на Путин.