Вицепремиерот Изет Меџити во „Само интервју“ на телевизијата „Канал 5“ рече дека Али Ахмети во 2015 година изјавил дека ќе се повлече од политичката сцена по зачленувањето на Македонија во НАТО, за да им остави простор на младите генерации да го продолжат процесот на интеграција на земјата во Европската унија.
„Тој најави дека ќе се повлече по членството во НАТО, но не го направи тоа. Тој требаше да се повлече во тој момент, што ќе било ценето и од оние што го поддржувале, а и од оние што го критикувале. Ќе беше поставен нов стандард во политиката. Но, тој продолжи да се занимава со политика, потрошувајќи се сè повеќе“, рече Меџити.
Меџити, истакна дека европската интеграција останува неоспорен приоритет и дека никој не е против вклучувањето на Бугарите во Уставот, но нагласи потребата од правично решение за сите.
„Сите сакаме и работиме на избор на најдоброто решение што ќе нè приближи до ЕУ. Никој не е против вклучувањето на Бугарите во Уставот, но бараме решение во кое сите ќе бидат добитници,“ изјави Меџити.