„Добро утро! Додека осудените Албанци за монтираните процеси скапуваа и гинеа по затворите, тие работеа на спасување на Мијалков. Одговорност сега!“ – ова беше реакцијата на вицепремиерот Изет Меџити околу вклучувањето на неговиот претходник во Владата Артан Груби на американската „црна листа“. Меџити во интервју за „Алсат“ вели и дека Владата ја разгледува можноста луѓето кои САД ги прогласи за непожелни, да бидат санкционирани и во земјава.
„Го отворивме како дебата дека она што се констатира од Стејт департментот треба да важи и за нашето законодавство, бидејќи особено во овој случај не е генерална формулација за попречување на Охридскиот договор, за дестабилизација на регионот или за дејствија спротивни на демократските процеси, туку на таксативен начин е наведено дека се работи за корупција за да се спаси Сашо Мијалков со длабоко мешање во судството на оваа држава… за интервенција во судството за спас на режимот Груевски-Мијалков и ако се погледнат бизнисите каде влегле, во казината, брзите кредити, се гледа дека главен ментор кој го катапултирал Груби во политиката бил Мијалков“, вели Меџити.
Меџити рече дека и Ахмети треба да сноси одговорност за сите постапки на Груби, бидејќи тој ништо не правел без одобрение на неговиот лидер.