Меџити ги повика општините да аплицираат: Има уште 50 милиони евра на располагање

од Илинка Илиоска
24 прегледи

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска заедно со премиерот Христијан Мицковски и директорот на Европската инвестициска банка, Габриел Бјорн, одржаа информативна средба со 58 градоначалници, кои беа информирани за финансискиот договор во износ од 50 милиони евра, средства обезбедени преку Европската инвестициска банка (ЕИБ), а кои ги доделува Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање.

Меџити рече дека средбата била во насока на зајакнување и подобрување на ефикасноста и координацијата во користењето на средствата наменети за „Подобрување на водната инфраструктура на општините во Северна Македонија“, обезбедени од Европската инвестициска банка и Владата на Република Северна Македонија, и кои ќе се доделуваат преку Министерството за животна средина и просторно планирање, како неповратни средства на општините.

“Со доплонителните 50 милиони евра правиме, уште еден чекор напред за зајакнување и подобрување на условите за живот на сите граѓани на нашата држава, без исклучок. Како што направивме и минатиот пат, со 100-те милиони евра, не се залагаме истите да одат во одредени општини, туку да се распределат за сите локални самоуправи”, рече Меџити, додавајќи дека досега средствата не се искористени и не се распределувале меѓу општините, но процесот е веќе започнат и откако оваа Влада стапи на функција, постигната е реализација на 15 отсто од вредноста на средствата. Тоа ни овозможи да ги започнеме процедурите за реализација на овие грант средства со интензивна реализација на општинските проекти.

Средствата, како што информира Меџити, Република Северна Македонија ги враќа од централниот буџет, а истите ќе се распределуваат според методологија и се неповратни дотации од Владата до општините.

„Проектите за водна инфраструктура во општините кои се финансирани од Европската инвестициска банка се однесуваат на водоснабдителните системи, фекална и атмосферска канализација, вода за пиење и третман на отпадни води, како и заштита од поплави“, изјави првиот вицепремиер Меџити пред медиумите.

Меџити рече дека тимот на Министерството за животна средина и просторно планирање и Проектната единица за реализација работат и на контрола на проектната документација испратена од општините, како и на изработка на документацијата за набавка за реализација на проектите.

До сега се одобрени вкупно 9 проекти со вкупна вредност од 7,33 милиони евра, одобрени од Европската инвестициска банка, од кои ЕИБ финансира 6,56 милиони евра.

Слични содржини