Меџити: Kазино индустријата, која подолго време беше претворена во главно бизнис претпријатие во нашата земја, сега доживува сериозен удар

од Milan1
14 прегледи

-Денес сум пред вас за да ја информирам јавноста дека казино индустријата, која подолго време беше претворена во главно бизнис претпријатие во нашата земја, сега доживува сериозен удар. Денес почнуваме со воспоставување ред и искоренување на злото што ни го остави како „подарок“ претходната влада, изјави Меџити.

Тој додаде дека Владата вчера го усвоила Предлог-законот за игрите на среќа и дека ова е многу значаен чекор во борбата против мафијата на коцкањето, за што лично се обврзав уште од првиот ден кога ја презедов функцијата прв Вицепремиер.

Во продолжение интегралниот говор од денешната прес конференција:

„Ние наследивме општество во кое коцкањето беше во подем, казината и обложувалниците беа отворени на секој агол. Денес, на територијата на целата држава функционираат најмалку 1500 центри за коцкање, обложувалници и апарати за коцкање. За жал, мојот претходник лично се залагаше за проширување на овој профитабилен бизнис за мафијата, но разорувачки за семејствата.

• Со Предлог-законот кој го усвоивме вчера во Владата, уште на почетокот ќе се намали присуството на оваа колективна катастрофа за најмалку 70%! Го потенцирам – ОВА Е САМО ПОЧЕТОК! Од над 7.000 VLT апарати, со првиот удар ќе се отстранат 4.000;
• Го забрануваме рекламирањето на коцкањето;
• Казина повеќе нема да има низ населените места, градови и села како што е случај денес;
• Ги отстрануваме коцкарските клубови и обложувалниците кои организираат коцкање и сите други форми на коцкарски објекти најмалку 500 метри од школските објекти;
• Ги зголемуваме даноците и давачките за да се отежни процедурата за отворање на обложувалници. За споредба, во претходната влада, со една лиценца компаниите отвораа неограничен број објекти. Тоа повеќе нема да биде можно.

Драги граѓани,

Борбата против индустријата на коцкањето е тешка и опасна борба. Станува збор за добро организирана структура со криминогена природа, која ги надминува државните граници и не признава бариери – ниту политички, ниту етнички, ниту национални, ниту верски. Мафијата на коцкањето е ракот на нашето општество – таа ветува среќа, но носи само несреќа! И токму оваа структура ни ја остави во наследство претходната Влада!

Сепак, сакам да ве уверам дека првите конкретни резултати од нашата решителна борба против криминалната индустрија на коцкање и игрите на среќа веќе пристигнуваат.

Минатиот месец започна затворањето на стотици нелегални онлајн страници за коцкање кои нудеа услуги во нашата земја. До денес затворивме над 200 онлајн страници за коцкање, кои тивко – како рак – почнаа да ја заразуваат секоја фамилија, секое село, секое населено место, секој град.

Ако до вчера имавме казина покрај училишта, покрај домовите, во животите на нашите деца – денес воспоставуваме ред, закон и достоинство. До вчера, претходната Влада градела коцкарска империја врз сиромаштијата и очајот на Албанците. Денес, нашата Влада ги урива тие криминални империи и ја гради иднината.

За жал, претходната влада си играше коцка со судбината на Албанците. Сиромаштијата ја претвори во бизнис, а очајот во глас. Тој период заврши. Новата влада не е дел од стариот систем. Ние не зборуваме со празни зборови. Нашата влада делува. Ова е борба за иднината, за нашите деца, за нашата младина, за нашите семејства.

Казиното не е развој, тоа е уништување. Казиното не е напредок, тоа е рана. Казиното не е економија, тоа е криминал. Ќе го искорениме овој систем, до корен. Ова е промената што ја ветивме како Влада. Ова е државата што нашите граѓани ја заслужуваат. Ова е почетокот на една нова ера“, изјави Мeџити.

Слични содржини