Меџити на средби во Лондон за планирање на следните активности за изградба на нов Клинички центар

од Radmila Tasevska
189 прегледи

Министерот за здравство Фатмир Меџити е во работна посета на Обединетото Кралство каде што вчера остварил средба со Мартин Викерс, специјален претставник на британскиот премиер за трговија со Западен Балкан,  Симон Ешворт, главен оперативен директор на „International Hospitals Group“ (IHG) и со Дејвид Шепард, заменик-шеф на одделот за здравство (инфраструктура, едукација и тренинг) во Министерството за бизнис и трговија.

-Во фокусот на средбата беше планирањето на следните активности за изградба на нов Универзитетски клинички центар. Ќе се формира работна група составена од претставници од повеќе министерства, кои ќе имаат различни надлежности во однос на проектот, а како следен чекор што ќе се преземе е ревизија на веќе постојната студија за изводливост. На состанокот се говореше за актуелните предизвици и приоритети, со цел унапредување на здравствените услуги, како и иницијативи и проекти од областа на здравството. Двете страни изразија интерес за планирање здравствени едукации и размена на здравствени кадри меѓу двете земји, соопшти Министерството за здравство.

Меџити изразил благодарност за досегашната поддршка од Обединетото Кралство и истакнал дека е од голема важност обучувањето на нашиот персонал за работа по најнова методологија во повеќе области на медицината.

-Личната заложба на Викерс, преку неговиот ангажман и посети кои ги реализира во регионот, ќе бидат движечката сила за натамошното продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, се наведува во соопштението.

Слични содржини