Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска присуствувал на Третиот меѓународен конгрес за хематологија, кој на едно место ги собра најголемите експерти од оваа област во Европа.
Конгресот, соопштија од Министерството за здравство, претставува одлична можност за размена на искуства и новини од областа на хематологијата, третманот на хематолошките болести, а отвори врата и за унапредување на соработката меѓу домашните и странските експерти.
– Клиниката за хематологија низ годините создаде тим кој го следи напредокот во дијагностиката и третманот на хематолошките заболувања. Драго ми е што на оваа Клиника има и многу млади лекари, помлади хематолози чиј професионален развој секогаш ќе го поддржувам и како Министерство за здравство ќе помагаме да изградат успешна кариера овде на нашата Клиника, истакнал Меџити.
Во своето обраќање Меџити потенцирал дека интензивно се работи на подобрување на условите во јавните здравствени установи, со цел поквалитетна здравствена услуга за пациентите и подобри услови за работа на здравствените работници.
– Со поддршка на Министерството за здравство на Клиниката за хематологија беше инсталиран нов проточен цитомер, со што се унапреди и осовремени работата на Клиниката. Исто така лабораторијата за имунолошки анализи на Клиниката која е единствена во нашата држава, врши дијагностицирање и ги следи ефектите од терапијата и спроведување на трансплантациите на пациентите со малигни хематолошки болести, нагласил Меџити.
Како што се посочува во соопштението од МЗ, Меџити истакнал дека инвестициите во сите сегменти во здравството се врвен приоритет, порачувајќи дека Министерството за здравство ќе продолжи да гради одржлив и квалитетен здравствен систем за граѓаните.