Меџити повторно тврди дека Законот за бранители нема да помине и ги праша СДСМ „дали преку ноќ станаа националисти“

од Nikola Popovski
56 прегледи

Прашањето е како СДСМ, партнерот на ДУИ кој што 8 години го промовираа граѓанскиот концепт, преку ноќ предлага Закон за бранители. Дилемата е дали не беа искрени кога промовираа таков концепт или преку ноќ станаа националисти? Не им е грижа ниту за бранителите ниту за УЧК, туку само како да се спасат од одговорноста, вели членот на ВЛЕН и министер за животна средина, Изет Меџити за проблемите со предлог-законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили.

Тој на прес-конференција порача дека „нема потреба за загриженост“.

-Законот нема да помине, а актуелната Влада има најстабилно мнозинство во историјата на државата. Блиску сме до двотретинско. Имаме капацитет да ги решаваме проблемите во владината коалиција, додаде Меџити.

Предлог-законот за бранители е во собраниска процедура и треба да се носи по скратена постапка, но е заглавен во Комисијата за социјална политика, демографија и млади бидејќи претседателката на Комисијата Илире Даути од редовите на Европскиот фронт предводен од ДУИ, не закажува седница.

Со предлог измените на законот, поднесени од пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, покрај бранителите од конфликтот во 2001-та година, се опфатени семејствата на загинатите војници и полицајци од независноста до денес. Меѓу нив се и случаите со авионската несреќа на претседателот Борис Трајковски во Ротимље, хеликоптерската несреќа кај катлановско Блаце и несреќата во Струмица, но и за загинатите во Диво Насеље. Се предлага еднократен надоместок за нематеријална штета од 80.000 евра.

Слични содржини