Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити денеска се обрати на отворањето на првата работилница за подигнување на свесноста за превенција на менталното здравје на децата, адолесцентите и младите луѓе во Северна Македонија, преку вклучување на лидерки од локалните заедници.
-Како министер за здравство, во септември годинава, за прв пат во Министерството назначив надзорен комитет со претставници од сите релевантни чинители во здравствениот, образовниот и социјалниот сектор, како и претставници на професионални здруженија и експерти од областа. Надзорниот комитет има задача да ги следи активностите поврзани со превенција на менталното здравје и психосоцијалната состојба на децата и адолесцентите, во рамките на заедничката програма на СЗО и УНИЦЕФ, и да изготви Национален акциски план со мерки и активности насочени кон одговор на потребите за ментално здравје на помладата генерација, и тоа до крајот на оваа година, посочи министерот Меџити во обраќањето.
Најновите резултатите од последното истражување за однесувањето на деца од училишна возраст (на 11, 13 и 15 г.) во нашата земја, објавени минатата недела, покажаа дека дури 57% од девојчињата на 15 години пријавиле чести нерасположенија, речиси секојдневно во последните шест месеци.
-Неопходно е заеднички да дејствуваме. Само со посветено партнерство и соработка помеѓу различните институции, младите, родителите/старателите и згрижувачите, граѓанското општество и меѓународните организации, ќе овозможиме поддршка за менталното здравје на нашите деца и адолесценти, додаде министерот.
Воедно, министерот Меџити изрази благодарност до Канцелариите на СЗО и УНИЦЕФ во Скопје за континуираната поддршка при спроведување на активностите поврзани со менталното здравје на децата и адолесцентите, како и на граѓанското здружение „БИОМ- Центар за одржлив развој” за ангажманот и посветеноста во вклучувањето на претставници – лидерки од локалната заедница.