Медведев: Бајден донесе разумна одлука

од Nikola Popovski
355 прегледи

Поранешниот претседател на Русија Дмитриј Медведев ја поздрави одлуката на американскиот претседател Џозеф Бајден да не испраќа нови ракетни системи со долг дострел во Украина и оцени дека тоа е „разумна“ одлука.

Медведев рече дека во случај на напад на украинската армија врз цели на територијата на Русија, Москва ќе ја сфати „заканата од таргетирање на центрите каде што се носат овие криминални одлуки“, пренесува Би-би-си.

„Некои од овие центри воопшто не се во Киев и мислам дека нема потреба да се објаснува што би се случило потоа“, рече Медведев.

Украина бара од САД повеќецевни ракетни системи „MLRS“ со кои можат да погодат цели оддалечени до 300 километри, со цел да се запре офанзивата на руската армија во Донбас.

Америка досега им го испратила само ракетниот систем од старата генерација, чиј дострел е 25 километри.

Ракетниот систем „MLRS“ е во сопственост и на Велика Британија, чиј премиер Борис Џонсон рече дека Украинците треба да добијат ракети за да можат да се бранат „од бруталната руска артилерија“, но не посочи дека може да ги испрати.