Медведев повторно ѝ се заканува на Европа: „Ако лудата ЕУ се обиде со ова, ќе има војна!“

Брисел размислува за користење на руски средства за Украина, Москва одговара со драматично предупредување

од Vladimir Zorba
8 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Times Now World

Кремљ во четврток отворено ѝ се закани на Европската Унија откако Брисел го претстави својот најамбициозен финансиски план од почетокот на војната, предлог за користење на речиси 80 милијарди фунти руски замрзнати средства за финансирање на Украина.

Дмитриј Медведев рече дека таков потег би бил директна провокација и доволна причина за војна.

„Доколку лудата Европска Унија сепак се обиде да украде руски средства замрзнати во Белгија под маската на некаков вид „заем за репарација“, Русија би можела да го смета овој чекор за casus belli (изговор за војна – н.з.), со сите последици за Брисел и поединечните членки на ЕУ“, рече тој во соопштението.

Неговата изјава доаѓа еден ден откако Европската комисија објави предлог според кој ЕУ ќе покрие две третини од финансиските потреби на Украина, речиси 90 милијарди евра, до 2027 година преку модел на кредитирање против замрзнати руски средства или нивно целосно запленување.

Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, нагласи дека на Украина итно ѝ е потребна стабилна поддршка за да продолжи да ја финансира својата армија и основните државни функции.

„Предлагаме да покриеме две третини од финансиските потреби на Украина за следните две години. Тоа се 90 милијарди евра“, рече таа. „И бидејќи притисокот е единствениот јазик што Кремљ го разбира, можеме да го зголемиме уште повеќе.“

Според Брисел, предлогот би го оневозможил практично враќањето на повеќе од 180 милијарди фунти руски државни и приватни средства што се замрзнати во европските банки и клириншки куќи од 2022 година, што е мерка без преседан и најдиректен удар врз рускиот капитал досега.