Медведев: Рафа е голем шампион, се надевам дека сопругата не го скрши телевизорот!

од Nikola Popovski

Данил Медведев беше блиску до голема победа во финалето на Австралија опен, водеше со 2:0 во сетови, но на крајот мораше да го положи рекетот пред големиот шампион Рафаел Надал и да му го честита 21-от Грен Слем трофеј.

Со „чинијата“ во рака, Русинот му упати честитки на Надал.

„Тешко е да се зборува по пет и пол часа меч и пораз. Сакам да му честитам на Рафа. По натпреварот го прашав, дали е уморен и како е жив?! Затоа што, ова беше лудило, нивото на тенис беше многу високо. Надал го подигна нивото на игра по два сета и на крајот ја освои 21. Грен слем титула. Можеби е малку уморен, тој е неверојатен шампион. Големото ривалство се уште не е завршено“, изјави Данил.

Медведев потоа се пошегува дека се надева дека неговата сопруга, која не била на Род Лејвер арената, не го скршила телевизорот поради се што се случило во Мелбурн.

„Честитки за мојот тим, уште еднаш честитки и за Рафа. Сакам да им се заблагодарам на двајцата момци во мојата ложа. Поминувавте низ тешки времиња со мене. Мислам дека жена ми, која обично е со мене, го скрши телевизорот дома. Таа е мојата најголема поддршка и сакам да и се заблагодарам. Јан, Ерик, ви благодарам, секој пат заборавам некого. Ви благодарам што сте со мене. Родители, сестро, благодарам и тебе ако продолжиш да гледаш. Ви благодариме за поддршката. Најтешкиот австралиски опен веројатно во кариерата“, изјави поразениот финалист Медведев.

Слични содржини