Медведев се закани: Европските мировници ќе се вратат во ковчези

од Љубиша Владимиров
100 прегледи

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев во четвртокот се закани дека сите членови на европските мировни сили во Украина ќе се вратат дома во ковчези. Овие коментари ги даде по посетата на американски претставници на Париз, каде што европските лидери разговараа за војната во Украина и за можноста за испраќање мировници, нешто што Русија остро го осудува, пренесе jutarnji.

Медведев, кој моментално ја извршува функцијата заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, е близок соработник на претседателот Владимир Путин. Неговите ставови често се совпаѓаат со оние на рускиот лидер. Потенцијалното убиство на европски мировници би претставувало сериозна ескалација на конфликтот.

На социјалната мрежа Х, Медведев изјави дека западните претставници се состанале во четвртокот во Париз за да разговараат „колку европски ковчези би биле подготвени да прифатат“ доколку мировници бидат распоредени во Украина.

Сојузниците од ЕУ и НАТО соопштија дека размислуваат за испраќање војници во Украина како дел од можен договор за прекин на огнот, кој се преговара меѓу Вашингтон, Москва и Киев. Таканаречената „коалиција на подготвените“, која моментално брои 15 земји и е предводена од Обединетото Кралство и Франција, предложи распоредување трупи кои би придонеле кон обезбедување на „безбедносни сили“.

Иако овие сили не би влегле во Украина сè додека не се постигне договор, Русија јасно стави до знаење дека нема да толерира никакво западно воено присуство на украинска територија. Западните лидери, пак, тврдат дека таквото распоредување ќе ја зајакне европската безбедност и ќе помогне во одвраќањето на идната руска агресија. Францускиот претседател Емануел Макрон во март изјави дека Киев не мора да побара одобрение од Москва за да повика мировни трупи на своја територија.

Слични содржини