Британскиот таблоид The Sun ангажирал приватен детектив да ја шпионира Меган Маркл и нејзиното семејство, уште во 2016 година, кога се дозна за нејзината врска со принцот Хари.
Фондацијата Byline Investigates, здружение на независни новинари, ја објави веста за таблоидот кој платил на истражител да пронајде бројни податоци, не само за Меган, туку и за нејзиниот поранешен сопруг, пријатели и соработници.
Истражителот, кој бил ангажиран, му доставил на таблоидот домашната адреса на Меган, нејзиниот мобилен број, нејзиниот број на социјално осигурување, регистрација на автомобил, а за овие услуги тие му платиле 2.055 долари. Покрај тоа, детективот собрал многу информации за Меган.
Откако нејзиното „досие“ на 90 страници било доставено од детективот до таблоидот The Sun, тие започнаа да објавуваат ексклузивни текстови за неа, но и едно од првите во серијата платени интервјуа со нејзината полусестра Саманта.
Од таблоидот се огласија дека наводно не знаеле дека нивниот истражувач користел недозволени методи при собирањето податоци, бидејќи откривањето на приватни броеви и броеви на осигурување се третира како кривично дело, додека истражителот за „Њујорк Тајмс“ изјавил дека е невозможно уредниците на таблоидот The Sun да не знаеле што прави тој.
„Тие се благодарни на оние кои работат во медиумите и кои ги поддржуваат новинарските вредности кои се потребни сега повеќе од кога било“, порачаа Хари и Меган преку нивниот претставник.