Мехмети: ЕУ да ја вложи енергијата во убедување на Бугарија да го повлече притисокот врз Македонија

од desk4
842 прегледи

Не стивнува интересот во јавноста, за тоа какви думи во Македонија донесоа високите европски гости, комесарот за порширување на ЕУ Оливер Вархеји и претседателката на Европската комисја Улрсула фон дер Лајен. Официјално граѓаните ги слушнаа дека дошле да порачаат оти „сакаат да бидеме дел од ЕУ“. Но колку и дали им веруваат, особено во време кога анкетите покажуваат дека расте недовербата во ЕУ бидејќи стравуваат дека зад нивните посети се кријат задни намери со оглед на тоа дека македонско – бугарските односи и по две години се уште не се деблокирани иако Бугарија е членка на ЕУ.

„Локално“ на оваа тема разговараше со политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети, кој вели дека посетите на Вархеји и Фон дер Лајен се интересни пред се поради моментот во кој тие се случуваат.

Според него симтоматично е што Вархеји и Фон дер Лајен во земјата дојдоа во време кога почнува да расте разочарувањето кај граѓаните од одложувањето на почетокот на преговорите со ЕУ. Тој посочува дека по малку е и индикативно што двајца играчи од таков висок калибар, доаѓаат еден по друг, во краток временски период и тоа на почеток на кампања за локалните избори.

Сметам дека посетите зборуваат за некој вид поддршка на Владата. Дали тоа била нивната вистинската намера никој не може да знае. Но, секако дека таквите посети се добредојдени за Владата, како еден „бустер ефект“, бидејќи е очиглено дека ќе имаме доста интересна изборна трка. Што се однесува до конкретните ефекти од разговорите со државнито врв на Македонија, мислам дека ќе беше можеби подобро тие да отидеа во Софија и да разговарат со тамошните власти – како да се го сменат нивниот став во однос на почетокот на преговорите. Нивната реторичка поддршка за Македонија во овој момент, нема нешто посебно да влијае, бидејќи според нивните изјави, ние веќе сме ги исполниле условите. И Фон дер Лајен кажа дека „Македонија ги исполни условите за почеток на преговорите. Сега на ред е ЕУ да ги исполни своите обврски“. Бидејќи и Бугарија е дел од ЕУ, тогаш редно би било, тие меѓу себе да разговараат и да најдат излез од оваа блокада која потекнува од нив, односно од нивна членка. Мислам дека е поважно таа енергија да ја вложат во убедување на Бугарија да го повлече притисок и на тој начин да се ослободи еден европски процес, вели Мехмети.

На прашањето на „Локално“ дали нешто се случува зад сцената, односно дали ЕУ ги убаедува македонските власти да направат нови отстапки во врска за да им се удоволи на бугарските барања, Мехмети вели дека не верува во тоа бидејќи доколу постојано се поставуваат нови услови тогаш кругот никогаш нема да се затвори.

– Мислам дека посетата на Вархеји и Фон дер Лајен нема задни намери во однос на тоа дали од Македонија се бараат нови отстапки. Тоа би било премногу од нивна страна. Притисокот врз Македонија беше направен претходно во преговорите со Грција. Тие предуслови што беа очекувани беа исполнети и сега не може да се враќаат назад. Пред две години и барањата на Франција и Холандија ги исполнивме кога тие рекоа дека ќе ја сменат методологијата. Ние рековме добро ќе ја, поддржиме. Сега ако навистина нешто повторно бараат, мислам дека би било премногу. Не ми се верува, иако можеби во затворени кругови се разогарало и на таа тема. Но, доколку тоа го направат, тогаш навистина би било некоректен каков било, дополнителен притисок. Притисокот треба да биде внатре во Унијата, бидејќи ако постојано ни се поставуват  нови услови тогаш никокаш нема да се излезе од тој круг, вели Мехмети.

При посета на Скопје претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен рече дека властите и граѓаните не треба да губат надеж, дека поминале долг пат и постигнале голем напредок. Таа изјави дека работат на надминување на спорот меѓу Софија и Скопје, така што првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со Европската унија би можела да се одржи до крајот на годината.

-Работиме и разговараме од двете страни. И со Бугарија, со цел да се надмине оваа последна пречка. Има многу добри идеи што вреди да се разгледаат, сите со цел да се надмине последната пречка и да започне првата меѓувладина конференција. Нашата цел е да започнеме со Северна Македонија и Албанија пред крајот на годината. Имате поддршка од многу пријатели во ЕУ и ајде да работиме напорно за да ја одржиме првата меѓувладина конференција. Тоа ќе биде нашата заедничка цел, рече Фон дер Лајен во Скопје.

Од друга страна пак, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, дојде и си замина од Македонија без да даде изјава. Тој официјално не соопшти што разговарал со претставниците од земјава. На Твитер кратко појалсни дека е во Скопје на средба со премиерот Зоран Заев.

„Среќен сум што се вратив во Скопје на целосна дискусија со премиерот Заев. Се согласивме за брз почеток на имплементирање на проектите од Економскиот инвестициски план за Западен Балкан за зајакнување на економскиот развојна Северна Македонија и регионот. Разговаравме како да постигнеме напредок во отворањето пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија”, напиша Вархеји.

Премиерот Зоран Заев по посетата на Вархеји објасни што разговарале и што му било порачано.

-Имаше три теми на разговор – економскиот инвестициски план, Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија и секако прашањето со Бугарија, рече премиерот Заев, одговарајќи на новинарски прашања по Осмиот форум на граѓанско општество на Западен Балкан, во Скопје.

Појасни дека нема никаква двосмисленост или нејаснотија во желбата на сите 27 земји членки за идната интеграција на Западен Балкан во ЕУ и тоа ни беше појаснето и од претседателката на Европската комисја, Урсула фон дер Лајен и од еврокомесарот Оливер Вархеји.

-Првата тема беше економскиот инвестициски план. Имаме позитивни пораки за Северна Македонија за пакетот 2021 година, поголем од 500-600 милиони евра и сме прворангирани и добивме најголема поддршка од грантовите преку овој план кој стартува оваа година. Секако тоа мора да помине на верификација од земјите членки во Европскиот парламент и до крајот на годината да биде официјализиран. Оставаме ЕУ да ги објави и проектите и парите и се што е поврзано со тоа, појасни Заев.

Втората работа, рече Заев, за која разговаравме беше Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија и соодветното поставување на лидерите од Западен Балкан во пресрет на форумот.

– Желбата е и на Западен Балкан и на ЕУ, конечно да направиме поместување во овој процес и соодветниот наратив на форумот, што ќе се одржи во Словенија, навистина ќе биде многу важна порака што треба да стигне до граѓаните и институциите во сите земји од Западен Балкан, но и кај земјите членки. Ги следите дискусиите во ЕУ. Нема дилеми за стратешката поставеност на Западен Балкан, на ЕУ кон процесот на интеграции на Западен Балкан и затоа е многу важно по одредена видлива пауза, кои конкретни чекори ќе бидат прифатени, изјави Заев.

Третото прашање, според Заев, било поврзано со Бугарија, каде еврокомесарот Вархеј беше во посета пред една недела.

– Прво доаѓа охрабрувањето на тимовите меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат во духот на изнаоѓање на прифатливо решение. Напорите, кои што ги прави еврокомесарот Вархеј и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, секако претходниот ден охрабрени од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, се тие пораки кои што беа испратени – до крајот на годината, односно од 14 до 17 декември кога е Советот на Европа, да имаме позитивно решение. Дотогаш треба да работиме сите страни, пред се Северна Македонија и Бугарија, но и ЕУ, за да ја постигнеме целта, изјави Заев.

Б.Т.

Слични содржини