Компанијата Мекдоналдс денеска соопшти дека планира повторно да ги отвори своите ресторани во Украина во следните неколку месеци, што е прв сигнал за враќање на западните компании во земјата, иако конфликтот со Русија продолжува, пренесува Ројтерс.
Најголемиот светски ланец на хамбургери во март ги затвори сите ресторани во Украина и Русија, по воената инвазија на Москва врз оваа источноевропска земја.
Мекдоналдс, кој имаше 109 ресторани во Украина, не прецизираше колку објекти планира повторно да отвори, а повеќето од своите 850 ресторани во Русија во мај ги продаде на еден од своите локални лиценцирани партнери.
Одлуката за повторно отворање на локалните во Украина е донесена по „обемни консултации и дискусии со украинските официјални лица, добавувачи и експерти за безбедност и земајќи ги предвид молбите на нашите вработени да се вратат на работа“, вели Пол Помрој, шеф на Мекдоналдс за меѓународните пазари, во порака испратена до вработените.
Компанијата додаде дека работи на тоа да обезбеди добавувачите да доставуваат храна до рестораните и да ги вратат вработените на работа додека ги подобруваат безбедносните протоколи.
Американскиот ланец на хамбургери прво ќе започне со повторно отворање ресторани во Киев и западна Украина, области кои во моментов се поштедени од конфликтот.
Фото: Profimedia