Мемети по повод Денот на Ромите: Квотите во образованието се злоупотребуваат, Албанци, Македонци и други се пишуваат Роми само за да ги искористат бенефитите

АВАЈА во овој момент не гледа некое погодно поле за делување, затоа што сведоци сме на една непрофесионална консталација во политичката сфера, вели генералниот секретар на партијата за „Локално“

од Љубиша Владимиров
250 прегледи

Светскиот ден на ромите е ден на гордост, национален ден, кој ромската заедница во светот и Македонија го одбележува, но тоа не значи дека ги одбележуваме постигнувањата со правата и обврските, туку напротив, тоа е симболика која значи повик за понатамошно обединување и работа на ова поле, изјави за „Локално“ генералниот секретар на политичката партија АВАЈА, Елвис Мемети.

Мемети смета дека три децении на ромите им се ветува инклузивност, но условите не ги наложуваат таквите перцепции. Тој нагласи дека, иако Македонија располага со значајно мултикултурно богатство, тоа не го одразува реалниот живот на ромската популација. Мемети изрази загриженост за состојбата на ромската заедница, која, според него, останува на маргините со децении. Мемети повика на активни мерки за подобрување на условите за живот на ромската заедница, нагласувајќи дека е неопходно да се работи на создавање на вистински можности за интеграција и напредок.

„Ние 30 години тоа го слушаме и во нашиот контекст и дадените услови е многу тешко да се зборува за рамноправност, поради тоа што мултикултурното богатство што го има нашата држава некако не го подразбира она што ние го живееме. Секако дека во споредба со другите држави далеку сме понапред, но просторот за развивање, интеграција и напредок останува и понатаму. Тоа е нашето богатство коешто треба да го негуваме и охрабруваме, а ние сме сведоци дека ромската заедница останува со децении наназад во однос на ова прашање. Да бидам искрен, секогаш велам дека ако е добро за сите, добро е за нас и таа порака е, мислам, најважна, затоа што целото општество страда, а ромите 10 пати повеќе страдаат, особено кога сме сведоци на коруптивен систем, систем кој што не функционира“, изјави Мемети.

Мемети смета дека има напредок во образовниот систем, за кој нагласува дека им овозможува одредени бенефиции на ромите, како што се стипендии за високо образование, но истовремено тој потенцира дека тие стипендии се злоупотребувани од другите заедници и националности во државата, кои се определуваат национално како роми само поради стипендиите. Мемети исто така смета дека лекарите роми се оставени на маргините на општеството, а ги посочи и државните факултети, каде ромите според него не ги добиваат заслужените права.

„Па, ние имаме напредок во образованието, и имаме компаративна предност во однос на другите земји, и можам да кажам дека поддршката за студентите и средношколците роми е навистина на добро ниво. Меѓутоа, кога одиме во понатамошниот сегмент, пример, кога одиме кај уписите во високото образование, да речеме, квотите се злоупотребуваат. Албанци, Македонци и други се пишуваат роми само за да ги искористат бенефитите. Или, пример, ако ром лекар аплицира за специјализација, тешко ја добива, бидејќи не може да влезе во листата на кандидати. И тоа не е добар патоказ и мислам дека тука застанавме некаде во претходниот период и недостасуваат интегративни мерки. Земете го и Штуловиот универзитет, скопските универзитети, Факултетот за медицински науки, таму има апсолутна дискриминација на ромските студенти“, изјави Мемети.

Генералниот секретар на АВАЈА нагласи дека партијата во моментот го разгледува политичкиот моментум во државата и дава простор на другите политички партии на ромите да ги презентираат нивните идеи и проекти, но Мемети нагласи дека политиката кај нас се користи за дневна манипулација и не очекува позитивни промени во блиска иднина.

„АВАЈА во овој момент не гледа некое погодно поле за делување, затоа што сведоци сме на една непрофесионална консталација во политичката сфера. Многу личности апсолутно политиката ја разбираат како простор за дневна манипулација и го оставаме просторот да видиме што можат да направат другите, во очекување да направат нешто подобро за сите нас, но сме песимисти. Сепак, будно ќе го следиме тој политички процес“, смета Мемети.

Мемети истакна дека ромската заедница во Македонија има компаративна предност во однос на другите земји од регионот. Тој нагласи дека правата и обврските на ромската заедница се рефлектираат во сите сфери, но исто така укажа на проблемот со манипулацијата од мнозинските заедници. Мемети објасни дека оваа манипулација се користи во политичкиот капитал, што резултира со тоа што ромската заедница е далеку од местото кое и припаѓа во општеството во кое живеат.

„Компаративна предност имаме со сите земји од регионот, затоа што како дефинирана заедница во Уставот, Ромите имаме права да се организираме на повеќе начини, политички и да делуваме слободно, за да може да се бориме за оваа политичка рамноправност. Во однос на правата и обврските, тие се рефлектираат во сите сфери, но она што е заеднички именител е дека постои манипулација од мнозинските заедници. Не зборувам само за нашата држава, туку и за државите во регионот, затоа што тука најчесто гледаат како плодна почва за лесна манипулација за лесни гласови и тоа се користи понатаму во политичкиот капитал, со што ромската заедница е далеку од местото кое и припаѓа во општеството во кое живеат“, заврши Мемети.

Д.Ѓ

Слични содржини