По повод Светскиот ден на детето – 20. ноември, Народниот правобранител денес посочи дека овој ден треба да биде поттик за се поголем интерес на надлежните организа за подобра состојба кога се во прашања правата на децата, како и за заложби и активности за да бидат присутни тие секој ден во годината.
„Несомнени се заложбите за подобрување на состојбата со правата на детето како на домашен, така и на меѓународен план. Но, фактот дека не секое дете има непречен пристап до овие права, дека голем број деца немаат основни услови за живот, оставени сами, на маргините на семејството, заедницата, општеството, без потребната грижа и внимание, укажува дека мораме попосветено да работиме во надминување на сиромаштијата и ризиците кои го попречуваат хармоничниот развој на личноста на детето“, се наведува во соопштението на Народниот правобранител, Иџет Мемети.
Мемети исто така посочи дека целта е да се обезбеди стабилна, сигурна и просперитетна иднина за нашето општество, и дека час поскоро треба да се насочиме кон непречено остварување на правата на децата без никакви исклучоци.
„Темелите на правата во Конвенцијата за правата на детето треба да бидат императив во нашето работење. Упатувајќи апел за заедничко дејствување за подигање на јавната свест за правата на детето, сакам да укажам дека грижата и заштитата на децата е обврска на секој од нас и сите ние треба да придонесеме за нивниот правилен психофизички развој, да ги воспитаме и образуваме во духот на толеранцијата и прифаќање на различностите, да ги научиме како да одбегнуваат конфликтни ситуации и да го изберат дијалогот како начин на решавање на проблемите, со што ќе придонесеме детето да биде подготвено да живее во духот на мирот, достоинството, толеранцијата, слободата, рамноправно и солидарно со другите“, порачува Народниот правобранител.