Секој заслужува хуман третман, а тортурата не е ништо друго туку злосторство против човештвото. Ова налага сите луѓе, па и на оние кои од која било причина слободата на движење им е ограничена да бидат третирани без да им се погази достоинството, напиша народниот правобранител Иџет Мемети по повод Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура.
-Со прогласувањето на 26 јуни како Меѓународен ден за поддршка на жртвите од тортура се одбележува моментот кога во 1987 година стапи на сила Конвенцијата на Обединетите нации против тортура и друг вид сурово, нечовечко и понижувачко постапување или казнување. Конвенцијата го истакнува апсолутниот карактер на забраната за тортура и ја наложува потребата од спроведување политики за нулта толеранција во случаите на нејзино постоење, наведено е во соопштението од канцеларијата на народниот правобранител.
На овој ден, како што е посочено, ја изразуваме солидарноста со жртвите на тортура и нивните семејства, а истовремено ги реафирмираме и барањата за обезбедување соодветна правна, медицинска, психолошка и социјална поддршка на овие лица.
-Секој заслужува хуман третман, а тортурата не е ништо друго туку злосторство против човештвото. Ова налага сите луѓе, па и на оние кои од било која причина слободата на движење им е ограничена да бидат третирани без да им се погази достоинството. Посебно за нив треба да се води грижа сега во услови на пандемија со вирусот Ковид-19. Ограничувањето на нивната слобода не смее да предизвика ограничување во нивната здравствена заштита, се додава во соопштението.
Народниот правобранител работи континуирано и посветено во борбата против тортурата, а секоја година, веќе девет години по ред, на овој ден го објавува и Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам.
Извештајот како што е посочено, содржи приказ на состојбите во местата на лишување и ограничување на слободата на движење и анализа на преземените активности за превенирање од тортура и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување во овие места.
Констатираните состојби и упатените препораки до надлежните власти за надминување на утврдените недостатоци се резултат на вкупно 22 превентивни посети, што тимот на Националниот превентивен механизам ги спроведе во текот на 2019 година.