МЕМО: Шутиноски панелист на Форумот за Интеграција на пазарот на електрична енергија во Европскиот парламент

од Vladimir Zorba

Симон Шутиноски, управител на Националниот оператор на пазарoт на електрична енергија- МЕМО на 17 април 2024 (среда) со почеток во 15.00 часот ќе учествува на Панел дискусијата: „Дали интеграцијата на договорните страни на Енергетската заедница ќе обезбеди посилен единствен европски пазар за електрична енергија“, во рамки на Форумот за Интеграција на пазарот на електрична енергија во Европскиот парламент во Брисел.

На Панел сесијата заедно со Шутиноски говорници ќе бидат Звездан Вујовиќ, генерален директор на Дирекцијата за електроенергетика, Министерство за енергетика и рударство на Црна Гора, Пал Сагвари, потпредседател на Унгарската регулаторна управа за енергетика и јавни комунални претпријатија (MEKH), Дмитро Корнијенко, раководител на единицата за организација на здружени аукции (NPC) во Националната енергетска компанија „Укренерго“, Украина, Косимо Капидоглио, претседател на Маркет каплинг комитетот (MCSC), како и Анже Предовник, извршен директор на Алпско-јадранската дунавска берза за електрична енергија (ADEX) и на словенечката енергетска берза (BSP).

Во фокус на дебатата ќе биде Планот за интеграција на берзите од Западен Балкан, кој треба да се достави до јуни 2024 година во Европската комисија. Главната цел на форумот е да генерира политичка и регулаторна поддршка за понатамошна интеграција на пазарите ден однапред на договорните страни на Енергетската заедница со пазарите ден однапред од земјите членки на Европската унија. Покрај тоа, овој формат ќе обезбеди солидна предвидливост во однос на предусловите што треба да се исполнат за успешна и навремена интеграција на пазарите на електрична енергија, како и специфичните предизвици кои претстојат.

Усвојувањето на Пакетот за интеграција на електрична енергија од страна на Министерскиот совет на Енергетската заедница во 2022 година означи важен чекор на патот кон понатамошната интеграција на пазарите на електрична енергија на Енергетската заедница. На среден рок, согласно Пакетот потребна е целосна пазарна интеграција на договорните страни (Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Украина) во eдинствениот eвропски пазар на електрична енергија.

За заклучоците од Панел дискусијата, јавноста ќе биде информирана во текот на утрешниот ден.

Слични содржини