Кина и Германија сакаат да ја продлабочат соработката, изјавија во средата во Пекинг германскиот канцелар Фридрих Мерц и кинескиот премиер Ли Ќијанг, на почетокот од посетата на Мерц, чија цел беше повторно воспоставување односи во контекстот на растечките трговски дисбаланси.
Мерц му порача на Ли дека Германија придава големо значење на одржувањето и продлабочувањето на интензивната економска размена со Кина, нејзиниот најголем трговски партнер минатата година, истовремено нагласувајќи ја потребата од обезбедување на фер соработка и отворена комуникација.
„Имаме многу конкретни загрижености во врска со нашата соработка, која сакаме да ја подобриме и да ја направиме поправедна“, рече Мерц, кој се соочува со тешката задача да го редефинира економскиот однос кој е сè понеповолен за германските интереси.
Ли ги повика и двете страни да работат заедно за да го зачуваат мултилатерализмот и слободната трговија, алудирајќи на трговската војна на американскиот претседател Доналд Трамп, која го потресе глобалниот трговски систем.
„Кина и Германија, како две од најголемите светски економии и важни држави со големо влијание, треба да ја зајакнат довербата во соработката, заеднички да го заштитат мултилатерализмот и слободната трговија и да се стремат кон изградба на пофер и поправеден систем на глобално управување“, рече Ли.
Кина настојува да се претстави како сигурен економски партнер, за разлика од САД, во момент кога Европа се соочува со зголемени ризици во своите синџири на снабдување и е загрижена за растечката зависност од Кина.
Европа е сведок на забрзувањето на загрижувачките трендови во Кина, изјави европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ пред Европскиот парламент во вторникот, наведувајќи ја растечката доминација на Кина во клучните производствени сектори, се поголемата нерамнотежа во билатералната трговија и падот на пазарниот удел на компаниите од ЕУ во Кина.
Мерц, чија е ова прва посета на Кина, е уште еден западен лидер кој се стреми да ги ресетира односите со Кина, по претходните посети на британскиот премиер Стармер и канадскиот премиер Карни оваа година, додека Пекинг ги истакнува придобивките од соработката со својот огромен потрошувачки пазар и напредна производствена база.
Ангажманот помеѓу најголемата европска економија и Кина би можело да ги постави темелите за односите меѓу ЕУ и Кина годинава.
Мерц е придружуван од страна на делегации од 30 компании, вклучувајќи ги водечките производители на автомобили како што се „Фолксваген“ и „БМВ“, кои го чувствуваат притисокот од кинеската конкуренција – што придонесува за растечкиот трговски дисбаланс што предизвика загриженост во Берлин и предизвува повици за протекционистички политики.
Германската економија, која во голема мера се базира на производството, е особено силно погодена од конкуренцијата на кинеските производители, изјави Ноа Баркин, анализар за Кина во „Родиум груп“, во неодамнешна анализа.
Кинескиот пазар, некогаш посакуван од странските компании поради неговата широка база на потрошувачи и растечката куповна моќ, се промени во последниве години, бидејќи забавувањето на економијата ја ограничува побарувачката, а прекумерниот капацитет во производството сè повеќе ги поттикнува домашните компании да бараат можности во странство.
Во уредничките статии пред посетата, кинеските државни медиуми го истакнаа потенцијалот за соработка меѓу ЕУ и Кина како стабилизирачки сили во време кога американските царини ја потресуваат глобалната трговија.
„Синхуа“ во свој уреднички текст објавен рано во средата, цитира истражување на Германската стопанска комора која открила дека бумот на иновации во Кина имал позитивен повратен ефект на германското седиште на корпорациите.
Државниот весник „Глобал тајмс“ објави дека загриженоста за конкуренцијата со Кина ќе биде надмината од привлечноста на огромниот кинески пазар.
„Реториката како „системски ривал“ и „намалување на ризикот“ понекогаш ја комплицирале германската политика кон Кина“, се вели во уредничкиот текст објавен во средата.
„Но, ентузијазмот и делувањето на германската бизнис заедница зборуваат погласно од политичките слогани“, се заклучува во текстот.