Mercedes ги намали цените на некои електрични возила во Кина

од Vladimir Zorba
188 прегледи

Со цел да ја подобри досегашната разочарувачка продажба на својата палета на електрични автомобили EQ во Кина, Mercedes најави намалување на цените за моделите EQE и EQS.

Mercedes-Benz EQE сега чини 478.000 јуани (67.432 долари) откако ќе се даде попуст од 50.000 јуани (7.054 долари). Mercedes-Benz EQS доби уште поголем попуст, сега по цена од 956.000 јуани (134.864 долари), што е за 234.000 јуани (33.011 долари) помалку од претходно.

Од друга страна, цените за остатокот од линијата EQ (EQA, EQB и EQC) остануваат непроменети.

„Блумберг“ објави дека намалувањето на цените следи по период на слаба продажба. Конкретно за EQS, бројките во Кина се изненадувачки ниски, во некои случаи и до само 100 пратки месечно. Дел од проблемот е поврзан со ограничениот простор на главата за патниците одзади поради навалената линија на покривот. Ова е важен фактор за кинеските купувачи во премиум сегментот кои претпочитаат да седат назад.

Претставник на Mercedes рече дека компанијата „континуирано ги набљудува и анализира динамичните трендови на пазарот, вклучително и моменталното позиционирање на другите производители во луксузниот сегмент. Врз основа на ова, Mercedes-Benz репозиционира одредени EQ модели во Кина“.

Mercedes продаде околу 8.800 електрични автомобили во Кина во периодот од јануари до јули оваа година. Покрај Mercedes, Tesla неодамна најави и намалување на цените во Кина за да ја зголеми продажбата и да стане поконкурентна во однос на зголемениот број локални ривали. Бројките сугерираат дека ова станува сè потешко, бидејќи 80% од продажбата на нови електрични возила во Кина во текот на првите седум месеци од 2022 година оди кај домашните производители на автомобили.

Слични содржини