Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот ги повикаа другите европски лидери да заземат поостар став за патувања од земји надвор од Европската унија, како што е Велика Британија, за да се спречи ширењето на делта сојот на Ковид-19.
Пред нејзиното пристигнување на европскиот самит во Брисел, Меркел најави дека ќе лобира за покоординиран пристап од страна на членките, особено при влезот на туристите од региони каде што се повеќе распространети нови варијанти на вирусот.
„Очигледно сме загрижени за сојот делта“, рече таа пред новинарите.
Макрон им порача на членките на ЕУ да бидат крајно претпазливи за овој сој, откриен во Индија, која е позаразен и се чини дека ги погодува луѓето кои не се целосно вакцинирани.
Францускиот лидер исто така рече дека 27-те членки мора да донесат покоординирани одлуки за отворање граници на патниците од трети земји.
Тие предупредувања доаѓаат откако британскиот премиер Борис Џонсон навести дека Велика Британија ќе дозволи неограничен влез за оние кои биле целосно вакцинирани.
Европските влади се согласија за „бела листа“ од 13 земји, вклучително и Австралија и САД, за кои ќе бидат укинати ограничувањата за патување. Меѓу нив нема Велика Британија.
Франција и Германија бараат карантин за патниците од Велика Британија, додека Португалија и Шпанија, две земји зависни од британски туристи, не го прават тоа досега.
Во португалската престолнина, скоро половина од новите случаи на инфекција се поврзани со делта варијантата.
Неодамнешниот скок на бројот на новоинфицирани во Португалија се совпаѓа со отворањето на таа земја за туристи од остатокот на ЕУ, како и од Велика Британија.
Шефот на португалската дипломатија во средата рече дека неговата земја била претпазлива при отворањето пред британските туристи, откако Меркел ги обвини благите правила за патување за неодамнешниот пораст на бројот на заразени.
Сите британски туристи мораат да покажат негативен тест на Ковид-19 при влез во Португалија.
Португалскиот премиер Антонио Коста рече дека европските лидери ќе разговараат за контролите за влез од трети земји, особено од Велика Британија, додавајќи дека Португалија следи пристап договорен од европските влади.
Тој нагласи дека германската канцеларка е во право кога повика на координиран пристап, особено откако беа ублажени ограничувачките мерки за патување во рамките на Унијата.