Разговорите на ЕУ со Русија би биле корисни во голем број области, барем да се испрати директна порака до рускиот претседател Владимир Путин дека сајбер нападите не се основа за продуктивни односи, изјави во понеделникот германската канцеларка Ангела Меркел.
– Мислам дека е подобро не само да разговараме едни со други, туку и да му се спротивставиме на рускиот претседател заради овие работи и да кажеме „дека ова не може да биде основа за плодна соработка“ – им рече Меркел на германските и француските пратеници.
Лидерите на Европската унија во петокот го отфрлија француско-германскиот предлог да се одржи самит со Русија откако Полска и балтичките држави соопштија дека тоа ќе испрати погрешна порака во време кога се влошуваат односите Исток-Запад.
Меркел изјави дека лидерите на ЕУ ги утврдиле прашањата за кои се согласиле во нивните односи со Русија и им наложи на официјалните лица да бараат формат и услови под кои може да се водат разговори со Москва
„Ова значи дека направивме чекор напред, но дека сè уште не сме ја постигнале целта“, рече германскиот лидер, пренесува Ројтерс.