Меркел: Не жалам за енергетската политика кон Русија

од Берта Китинска
212 прегледи

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека не жали за енергетската политика кон Русија што ја водеше нејзината влада, иако критичарите сметаат дека Европа станала премногу зависна од рускиот гас.

Минатата година Германија покриваше 55 отсто од потребите за гас со увоз од Русија, што делумно е резултат на посветеноста на Меркел за одржување на трговските врски со Москва и поддршката на проектот Северен тек 2, иако Москва го анектираше Крим во 2014 година.

– Секогаш делувате во времето во кое сте – им рече таа на новинарите во Лисабон на прашањето за односот на нејзината влада кон Русија.

Меркел, која се повлече од политиката по 16 години како канцелар, рече дека не жали за своите одлуки и дека тие биле правилни од перспектива на времето. Таа додаде дека евтиниот руски гас и овозможи на Германија постепено да ги исфрли нуклеарните електрани и јагленот.

Германија сега го одложи спроведувањето на тој план и се обидува да го компензира прекинот на испораките на гас од Русија.

– Оваа брутална инвазија донесе промени. Ова е пресвртница – рече Меркел во однос на актуелната енергетска политика на нејзината земја.

Поранешниот канцелар додаде дека тоа сега е задача на новата германска влада.

Слични содржини