Нема потврдени податоци за улогата на Русија во инцидентот со присилното слетување на авионот „Рајанер“ и затоа Европскиот совет не даде проценка во врска со тоа на самитот, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.
– Немаше потврдена информација за улогата на Русија и поради тоа не дадовме никаква проценка во врска со тоа. Ако разговарам со рускиот претседател, таа тема ќе биде дел од агендата, но не треба да се тргнува од претпоставки. Познато е дека Русија и Белорусија имаат блиски врски, но нема потврда за вмешаност во овој инцидент – рече таа.
Меркел додаде дека за време на самитот, повика на дијалог со Русија.
– Можно е да имате различни мислења, но истовремено да разговарате и да се сретнете. Ова го правам со рускиот претседател. Вчера, за време на дискусијата за Русија, исто така, повикав да го сториме истото како ЕУ како целина, затоа што можеме подобро да ги претставиме нашите европски интереси во разговор со рускиот лидер отколку што би направил американскиот претседател – рече таа.
Меркел позитивно ја оцени и најавата за средбата меѓу рускиот и американскиот претседател.
Германската канцеларка се осврна и на прашањето за гасоводот „Северен поток 2“, велејќи дека ќе има повеќе разговори со Америка на темата на тој проект.