Меркел по средбата со Зеленски: Русија не смее да го користи гасоводот како оружје

од Vladimir Zorba
281 прегледи

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека може да се воведат дополнителни санкции против Русија доколку таа го искористи контроверзниот гасовод против Украина.

Меркел, во последната посета на Киев пред да се повлече од функцијата канцелар, му рече на украинскиот претседател Владимир Зеленски дека ја разбира неговата загриженост во врска со проектот за гасоводот „Северен тек“.

Зеленски се противи на гасоводот, за кој тврди дека се заканува на украинската безбедност.

Гасоводот ќе поминува под Балтичкото Море и ќе го удвои извозот на руски гас во Германија.

Украина стравува дека „Северен тек 2“ ќе го зголеми руското снабдување со енергија во европскиот регион и ќе го прошири влијанието на Москва.

За време на заедничката прес -конференција во неделата, Зеленски го опиша рускиот проект како „геополитичко оружје на Кремљ“, што според него ќе биде „опасно за цела Европа“.

Меркел, која се повлекува од функцијата германски канцелар оваа есен по 16 години на власт, сепак рече дека Берлин се согласил со Вашингтон дека „Северен тек 2“ не треба да се користи против Украина.

Таа рече дека санкциите против Москва може да се користат во рамки на договорот меѓу Германија и САД „доколку гасот се користи како оружје“.

Слични содржини