Идејата на канцеларката Ангела Меркел да ги затвори европските скијачки центри оваа година за да се избегне пораст на инфекции со Ковид-19 би била „фатална“ за финската економија, протестираше во петокот финското министерство за економија.
„Во Финска, повеќето посетители на ски-центри се локални жители. Би било многу бизарно да се затворат ски-центрите, додека состојбата со вирусот во земјата не е ни приближно лоша како во другите европски земји“, рече портпаролот на Министерството, Мика Линтила, цитиран од Франс Прес.
Таквата одлука би била „смртоносен удар“ за туризмот во Лапонија, каде се наоѓаат најпопуларните скијачки центри.
„Можно е да се одржи потребното растојание на падините и во лифтовите. Постојат многу поопасни места од скијачките центри“, изјави претставникот на финската асоцијација на скијачки региони, Хари Линдфорс.
Во Шведска, главниот епидемиолог Андерс Тегнел исто така рече дека неговата земја не треба да ги затвора ски-центрите.
„Постои голема разлика помеѓу нашите скијачки центри на север и оние што ги имате на Алпите“, додаде тој.
Франција, Италија, Словенија, Германија и Австрија на почетокот на зимата одлучија да ги остават ски-центрите затворени во надеж дека ќе се отворат во екот на сезоната, ако во меѓувреме се намали стапката на ширење на инфекцијата.
Австрија се спротивставува на предлогот на канцеларката, додека Италија веќе соопшти дека нема да има скијање за Божиќните и новогодишните празници.
Француската влада донесе одлука скијачките центри да останат затворени до почетокот на 2021 година
Веќе се отворени швајцарските скијачки центри.