Во своето прво јавно обраќање по шест месеци, поранешната германска канцеларка Ангела Меркел го нарече рускиот напад врз Украина кршење на меѓународното право и „длабока пресвртница“ во европската историја по Втората светска војна.
„Моја солидарност со Украина, која беше нападната од Русија и поддршка за нејзиното право на самоодбрана“, рече Меркел во средата навечер.
Таа рече дека ги поддржува напорите на актуелната германска влада, Европската унија, САД, НАТО, Г7 и ОН да обезбедат крај на „варварската војна и агресија на Русија“.
Меркел зборуваше пред двесте гости на церемонијата за Рајнер Хофман, кој неодамна поднесе оставка на чело на влијателната Конфедерација на германските синдикати.
Таа посочи дека последиците од војната ќе бидат далекусежни, особено за Украина, но и за целиот континент.
Меркел се осврна и на злосторствата врз цивилите, спомнувајќи го Буча, место во близина на Киев каде што беа пронајдени стотици убиени цивили.
Таа ја нарече мала трошка надеж во оваа „бескрајна тага“ огромната поддршка што им ја даваат на Украинците од соседните земји, наведувајќи ги како примери Полска и Молдавија.
„Никогаш не треба да ги земаме мирот и слободата здраво за готово“, рече таа.