ЛИОНЕЛ МЕСИ во вечерашното ексклузивно интервју за Мундо Депортиво изјави дека кариерата ќе ја продолжи во Интер од Мајами. Славниот Аргентинец по разочарувачката пауза со ПСЖ реши да замине во американски клуб, иако се шпекулираше дека би можел да се врати во Барселона, но и дека би можел да ги следи Кристијано Роналдо и Карим Бензема и да замине во Саудиска Арабија.
„Донесов одлука да одам во Мајами. Се уште не е сè договорено, некои работи остануваат, но јас се решив на тој чекор. Идејата беше дека ако не се вратам во Барселона, ќе ја напуштам Европа, ќе се оддалечам од центарот на вниманието на големите стадиони и ќе се посветам на моето семејство“, изјави еден од најдобрите играчи во историјата, објаснувајќи зошто одбил да се врати во Барса:
„Слушнав дека планирале да продадат играчи или да ги намалат платите за да ме донесат. Не сакав да преземам одговорност за такво нешто. Затоа ја донесов оваа одлука“, изјави Меси, а потоа ги објасни деталите за својата одлука:
„Да, тоа е вистина. Планирав да се вратам, бев навистина возбуден поради тоа. Но, од друга страна, откако го доживеав она што го доживеав, не сакав повторно да поминувам низ истата ситуација и да чекам да видам каков ќе биде исходот. Не сакав да ја оставам мојата иднина во туѓи раце. Сакав да донесам своја одлука размислувајќи за себе и за моето семејство. Иако имам слушнато дека се зборува дека Ла Лига прифатила се и дека се е во ред за да се вратам. Сепак, недостасуваше многу. За време на мојата кариера во Барселона бев обвинет за многу работи кои не беа вистинити и бев малку уморен од се. Сега се плашев дека се може да се повтори и дека ќе морам да заминам како пред две години. Затоа не се случи враќањето во Барса.
Би сакал да се вратам, но сум во момент кога сакам малку да го сменам фокусот, да се посветам на моето семејство. Во последните две години не бев среќен, го имав тој месец на Светското првенство во Катар кој беше спектакуларен, го освоивме светскиот шампионат, но се потоа беше тешка фаза за мене. Сакам повторно да уживам во моите деца, во семејството, во еден обичен ден…Сакам да имам малку мир“.