Претседателот на Албанија, Илир Мета, денес во Тирана разговараше со вицепремиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и по тој повод побара поголема вклученост и поправедна застапеност на Албанците во државните и локалните институции на Црна Гора.
Според албанските медиуми, Мета во разговорот со Абазовиќ посветил особено внимание на некои конкретни проекти за поддршка на областите каде што живеат Албанци, регулирање на прашањето за државјанство на албански граѓани венчани во Црна Гора, како и вработување на Албанци.
Шефот на албанската држава изрази желба за подобра соработка, која постои меѓу двете земји, со цел забрзување и натамошно продлабочување во сите области, со примарна цел подобра меѓусебна поврзаност на граѓаните од двете страни на границата.
Мета, се наведува, истакна дека партнерството во НАТО треба да поттикне посилни и поблиски односи меѓу Албанија и Црна Гора, како и дека двете влади ги имаат сите можности да ја обликуваат таа соработка во согласност со најдобрите вредности на Алијансата, пренесе Танјуг.