Сибирски научници најавија дека нема да бараат метеорит, кој најверојатно е паднат во Бајкалското Езеро на 22 октомври.
Невозможно е да биде пронајден поради своите мали димензии, соопшти директорот на опсерваторијата на Иркутск државен универзитет Сергеј Јазев. “Во тоа нема никаква смисла. Пресметките покажуваат дека малото небесно камче може да паднало во Бајкалското Езеро и да е на длабочина стотици метри”, пишува официјалното издание на сибирски оддел на Руската академија на науките “Науката во Сибир”, цитирано од агенциите.
Димензиите на небесното тело беа пресметани од индиректни податоци. Според астрономот е разумно да се претпостави дека телото било со големина околу 10 сантиметри. Јазев прецизира дека нема единствена постапка по која треба да дејствуваат истражувачите во случај на пад на метеорит, сето тоа зависи од постоечките информации, а тие, како по правило, не се доволни.
На 22 октомври крај езерото Бајкал бил забележан светол болид. Тој е регистриран од две автоматски мониторинг станици на астрономска опсерваторија на универзитет во Тункинската долина. Објектот е откриен на висина 67,2 километри и е изгубена на 62,1 километри.
Тој се движел со релативно мала брзина – околу 13 километри во секунда, а на крајот на периодот на набљудување забавил до 10 километри во секунда. Откако е направена анализа на траекторијата на болидот, научниците дошле до заклучок дека тој е паднат во реонот на Бајкалското Езеро. Според астрономите масата на метеоритот била најмногу килограм, дијаметарот му е околу 10 см. Бајкалското Езеро е сместено во јужниот дел на Источен Сибир. Тоа е најдлабокото езеро во светот и најголем природен резервоар на свежа вода.