Министерството за финансии (МФ) апелира Собранието што поскоро да ги усвои измените на Законот за приредување игри на среќа со кои ќе се овозможи обложувачниците да бидат на најмалку 500 метри оддалеченост од училиштата.
Измените и дополнувањата на Законот кој е подготвен од МФ е испратен до Собранието од јуни минатата година, а како што посочуваат од Министерството, тој е во собраниска процедура, во прво читање.
Новото законско решение, како што објаснуваат, предвидува оддалеченост на објектите во кои се приредуваат игри на среќа и забавни игри да биде најмалку 500 метри од образовни институции, подигнување на критериуми и услови за добивање лиценца и значително зголемување на давачките за приредувачите на игри на среќа и забавни игри.
Исто така, со цел да се оневозможи лесниот пристап на малолетните лица со Законот се предлага и воведување ограничување на бројот на уплатно-исплатни места на обложувалниците, како и ограничување на бројот на деловните простории на автомат клубовите што се отвораат со една издадена лиценца, како и воведување надомест за секое ново уплатно-исплатно место, односно деловна просторија за автомат клуб.
Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) остро реагира на предлогот на Министерството за финансии да се усвојат предлог измените за Законот за приредување игри на среќа. Според нив, растојанието од 500 метри значи целосно затворање на сите објекти во кои се приредуваат игрите на среќа и гасење на цела една легална стопанска гранка.
-Во овој контекст, уште еднаш потсетуваме дека влезот на малолетни лица во обложувалниците е целосно регулирано со Закон, казните за непочитување на овие членови се високи и најстрого внимаваме да нема никакви прекршувања. Ниту АСОМ, ниту нашите членки, немаат никаков интерес во нашите објекти да влегуваат лица помлади од 18 години и правиме сѐ за максимално и бескомпромисно почитување на законот.
Уште еднаш потсетуваме дека донесувањето на предлог измените за Законот за приредување игри на среќа со сигурност ќе значи губење на работните места на повеќе од 8.000 директно вработени во дејноста, како и работните места на повеќе од 50.000 останати работници кои зависат од работењето на оваа стопанска гранка, но и губење на околу 253 милиони евра буџетски средства кои по сите основи од работењето на оваа стопанска дејност се влеваат во државниот и локалните буџети, стои меѓу другото во соопштението на АСОМ.