Министерството за финансии веќе втора година го следи процесот на реализација на капиталните инвестиции од страна на буџетските корисници преку воспоставениот КАПЕФ механизам, уреден во Законот за извршување на Буџетот на РСМ за 2021 и Законот за извршување на Буџетот на РСМ за 2022, а кој предвидува награда на оние кои ги реализираат своите планови согласно утврдените критериуми. Информацијата за реализација на капиталните инвестиции во првиот квартал од 2022 година денеска беше усвоена од Владата на РС Македонија.
Согласно КАПЕФ механизмот буџетските корисници треба да имаат реализација на крајот на првиот квартал најмалку 15 %, од планираните капитални расходи, на крајот oд вториот квартал 40 % и на крајот од третиот квартал 65 %. Доколку не ги постигнат овие лимити, средствата се резервираат за капитални расходи во рамките на буџетот на буџетскиот корисник, без право на трошење.
Доколку буџетските корисници од централната власт заклучно со вториот квартал во тековната година реализирале 40% од капиталните расходи на ниво на потпрограма и ставка од донесениот основен буџет со вклучени прераспределби на средства, односно заклучно со третиот квартал во тековната година реализирале 65% од капиталните расходи на ниво на потпрограма и ставка од донесениот основен буџет со вклучени прераспределби на средства, прераспределените средства им се враќаат.
На предлог на Владата на Република Северна Македонија, за користењето на средствата од резервираните капитални расходи, кои не се вратени одлучува Собранието на Република Северна Македонија со Одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници и фондовите или со донесување на измени и дополнувања на Буџетот.
За министерот за финансии Фатмир Бесими тоа е веќе воспоставен систем, кој е познат на сите буџетски корисници и кои знаат дека доколку не го остварат поставеното ќе им бидат резервирани средствата. КАПЕФ механизмот се применуваше и во 2021 година и тој позитивно влијаеше на реализацијата на капиталите инвестиции во овие години, во кои се соочувавме и со криза. Така што податоците покажуваат на крајот на 2021 година има gреализација од 79 % од планираните капиталните расходи, дополнително што и во апсолутен износ капиталните инвестиции беа повисоки од претходните години. Имено, во 2021 беа реализирани 23,4 милијарди денари капитални инвестиции.
Во првиот квартал од оваа година се реализирани 12,9 % од планираните капитални расходи. Имено, во првите три месеци, односно од 1 јануари до 31 март 2022 година се реализирани 4,9 милијарди денари што претставува 23,5 % повеќе споредено со истиот период или за близу 1 милијарда повеќе.
Врз основа на примeната на КАПЕФ механизмот е утврдено дека буџетските корисници имаат неискористени 558 милиони денари, кои ќе им бидат резервирани.
На буџетските корисници од централна власт на кои им биле резервирани средствата, кога ќе реализираат 40% од капиталните расходи од планираните во буџетот, Министерството за финансии ќе ги врати средствата во програмите и ставките од каде се прераспределени.
Како Влада остануваме посветени на реализација на капиталните инвестиции и покрај актуелната енергетска криза и потребите за одговор на намалување на влијанието од неа, за кое беше донесен пакетот од 26 мерки. Реализацијата на капиталните инвестиции значи постигнување повисоки стапки на раст и подобар животен стандард на граѓаните.