Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност денеска одржа нова седница на која ја разгледа Анализата за оправданоста и исправноста на донесените одлуки на друштвата за осигурување, подготвена и доставена до Комисијата од страна на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, како регулатор на работењето на осигурителниот пазар.
По разгледување на Анализата, а врз основа на наодите, Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност одржа седница и утврди потреба од измени на Тарифата за премии за осигурување и подготви Предлог-измени и дополнувања на Тарифата на премии со кои се доуредува член 3 во насока на заштита на корисниците.
Предложените измени се насока на утврдување на опсег од 15% до 30% во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност, а за секој износ на овие трошоци над 30% да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Ова значи враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април 2024 година.
Дополнително беше утврдено дека Комисијата најдоцна до 30 септември секоја година до Владата да доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година.
Одлуката за донесување нова тарифа се заснова на Анализата на АСО со која се укажува дека на 23.04.2024 година, 11 друштва за осигурување кои вршат работи на осигурување во групата на неживотно осигурување доставиле известувања до Агенцијата за супервизија на осигурување за донесени одлуки на нивните органи на управување за зголемување на премиите за задолжително осигурување од АО, при што се повикуваат на одредбите од Тарифата на премии за осигурување од АО, објавена во „Службен весник на РМ” бр. 191/2018, според кои одредби имаат можност самостојно да одлучат за висината на делот од премијата за спроведување на дејноста, односно т.н режиски додаток при одредувањето на крајната премија по договор за осигурување (член 3 од Тарифата). Притоа известувањата на друштвата до АСО не содржат финансиски анализи за изминати периоди, ниту пак конкретни проекции за очекуван развој на ризиците кои ги преземаат во осигурување. Единствен аргумент на кој се повикуваат друштвата за осигурување се растечките трошоци од работење, кои не се непосредно поврзани со настанување на ризиците, односно со настанатите и очекуваните штети.
Дополнително, ставот на Комисијата е поткрепен со мислењето на АСО како регулатор дека ваквото постапување на Друштвата за осигурување влијае врз стабилноста, сигурноста и предвидливоста на функционирање на целиот систем на осигурување во насока на штета на осигурениците, односно сопствениците на моторни возила.
Предлог-одлуката што ја усвои Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница е доставена на усвојување до Владата на РС Македонија.
Состојбите на пазарот ќе се следат и во наредниот период и ќе се преземаат соодветни одлуки, врз основа на анализи и во еден отворен и транспарентен процес. Во врска со донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност во втората половина од април 2024 година, Министерството за финансии ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седници на 26, 29 и 30 април и 02 мај 2024 година со цел да ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки.