МИА и БТА потпишаа Договор за размена на информации и професионална соработка

од Andreja Salpe

Договор за размена на информации и професионална соработка, потпишаа денеска во Рим, директорите на Медумската информативна агенција – МИА и на Бугарската телеграфска агенција – БТА, Драган Антоновски и Кирил Волчев.

Договорот беше потпишан во канцеларијата на делегацијата на Европската Унија во Рим, во присуство на претседателите на Северна Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев.

Договорот предвидува размена на информативните сервиси меѓу двете агенции, а согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка МИА и БТА ќе преземат ефективни мерки во размената на информации за да избегнат злонамерна пропаганда и поттикнување насилство, омраза или други слични активности што би им наштетиле на односите на двете земји.

Антоновски по потпишувањето потенцира дека двете агенции со овој Договор се обврзале да преземат засилени активности во борба против лажните вести и манипулации.

МИА и БТА, нагласи Антоновски, ќе ја зајакнат соработката во насока на вистинско информирање на граѓаните, за да дознаат што навистина се случува во Северна Македонија и Бугарија.

Тој додаде дека мисијата на двете агенции ќе биде пред се уривањето на лагите, кои предизвикуваат штета во непречено унапредување на односите меѓу двете држави.

Директорот на БТА Волчев, изрази задоволство од потпишувањето на договорот за соработка меѓу двете агенции, напоменувајќи оти самиот чин на потпишување во рамки на одбележувањето на светите браќа Кирил и Методиј дава посебно значење во насока на промоција на писменоста од страна на медиумите.

 

Слични содржини