Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар, Христијан Мицкоски информира дека многу скоро од денес ќе биде составена новата Влада, на која, според него, основна задача и цел ќе ѝ биде да се занимава со реформите и да ги движи процесите напред.
-Граѓаните во државата да се чувствуваат убаво, да нема граѓани од прв и втор ред. Граѓаните очекуваат подобрување на стандардот и економијата. Оваа состојба во здравството во 21 век, со празните хируршки сали и пациенти да го губат својот живот чекајќи во ходниците… Учениците на 1-ви септември да добијат учебници. Состојбата во МОН е намерно опструирана. Да имаме задоволни земјоделци со загарантиран откуп и субвенции кои навремено ќе бидат исплатени. Да имаме задоволни припадници на МВР, дипломатија која ќе ги штити интересите на Македонија во светот…, кажа меѓу другото Мицкоски пред медиумите, за тоа што планираат да спроведат како ново владино раководство.
Идниот премиер не сакаше да ги открие предлог-имињата за новите министерства, бидејќи како што рече, од денес почнуваат внатрепартиските и внатрекоалициските разговори за членовите на Владата.
Тврди дека „ја следи опасната игра“ кај ДУИ и смета дека поединци сакаат да внесат етнички провокации во соживотот на Македонија.
На прашањето како ја коментира изјавата на новиот собраниски спикер Африм Гаши дека неговата татковина е Косово, Мицкоски истакна дека не ја слушнал изјавата.
-Јас мислам дека неговата татковина е Македонија. И од тоа што сум го разговарал со него, сум слушнал лично дека наша заедничка татковина е нашата заедничка Македонија. Ако има таква изјава, тогаш мислам дека треба да им се извини на граѓаните од Македонија и тоа треба час поскоро да го направи, со оглед дека добива плата од тука и од страна на Македонците, Турците, Албанците, Власите е избран за претседател на Собранието, истакна Мицкоски.
Новиот претседател на Собранието и член на коалицијата ВЛЕН, Африм Гаши, во интервју за косовската телевизија „РТК“ зборувал за историјата на неговото семејство кое во 50-тите години на минатиот век се преселило од Качаник во Скопје. Тој порачал дека Косово е негова татковина и дека будно ги следи процесите кај нашиот северен сосед.
-Луѓето родени по деведесеттите не можат го разберат ова, но за мене Косово е мојата татковина, местото каде се родени моите родители и сочувствувам со се што се случува во Косово, кажал меѓу другото Гаши во интервјуто.