Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска порача дека шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи нема кредибилитет да зборува за македонскиот идентитет.
-Би му советувал на господинот Османи да го советува новиот бугарски министер за надворешни работи, да земе пример од негов колега министер од една европска земја и да дојде на овој споменик во Ваташа, да клекне и да се извини и да побара прошка за она што го направил бугарскиот фашистички окупатор овде во Ваташа во Втората светска војна. Тогаш можеме да седнеме и да размислуваме за некакво опростување. Тоа го направил германски министер, клекнал и се извинил за тоа што го правеле германските фашисти во Полска. Може и бугарскиот министер во името на бугарските фашисти да дојде овде, да клекне и да побара прошка, рече Мицкоски по повод 80 години од стрелањето на 12-те ваташки младинци.
Од неодамна Бугарија има нова шефица на бугарска дипломатија, а тоа е Марија Габриел, која воедно е и бугарска вицепремиерка и една од двајцата ротирачки премиери во земјата.
Масакрот во Ваташа е крвав настан кој се случил на 16 јуни 1943 година кога биле стрелани 12 младинци од селото Ваташа во близина на Моклиште кај месноста „Чаир“, на 2 км оддалеченост од Ваташа. Колежот го извршила бугарската воjска и полициски одреди на чело со капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов и подофицер Петко Опреков под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија.