Мицкоски: Близу сме до договор за каматата на унгарскиот заем

од Илинка Илиоска
9 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска по средбата со Македонската банкарска асоцијација на која се прецизраа условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем, во однос на каматата, рече дека е изразена волја од двете страни за доближување на ставовите.

-Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и очекувам дека до крајот на следата недела, во втората половина веќе би имале некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова и конечно да почнеме сето ова да го аплицираме и да се пренесе на стопанството. Во моментов се доближуваат ставовите. Не би зборувал сега за проценти, би зборувал повеќе за изразена волја од двете страни за доближување на ставовите, рече Мицкоски.

Суштината е, додаде Мицкоски дека тие 3,25 проценти камата како Влада секако дека ќе ги платиме.

-Можеби за некоја година ние би издале еврообврзница со која предвреме би го вратиле овој кредит, бидејќи знаеме дека немаме таму каматна стапка. Може ќе одлучиме и за други механизми, во зависност од интересот на државата. Целта е каматата која ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска, за да може стопанството да добие пониска камата. Сега, реално има трошоци што ги имаат банките, но да видиме што може од тие трошоци да се намали, зависи тука и од политиките на централната банка. Затоа велам, да не зборуваме се уште за проценти, да ги доближиме ставовите, и тогаш официјално ќе излеземе со позиција, рече Мицкоски.

Тој повтори дека со банкарите разговарал околу средствата што се дел од заемот од унгарската Влада.

-Би го поделил состанокот во три дела – првиот дел е оној дел што се однесуваше во делот на рочноста, времетраењето и слично, вториот дел е желбата да се учествува во проектот и третиот дел е поврзан со каматната стапка. Во делот во кој сакаат да учествуваат како Македонска банкарска асоцијација е несомнен, и сите изразија желба и подготвеност да бидат дел од овој процес. Во делот на рочноста земавме заеднички став дека во зависност од барањата на клиентите ќе ја користиме формулацијата до три години грејс период и до 15 години рок на отплата, бидејќи членките кажаа имаат одделни клиенти коишто сакаат можеби и пократок рок итн, затоа велиме до три години и до 15 години рок на отплата, рече Мицкоски.

Во одговор на новинарско прашање рече дека банките може да понудат рок и од пет, седум и десет години, на пример, како што посочи, ако клиентот сака две години грејс период и пет години отплата, затоа ќе се користиме формулацијата до три години грејс период и до 15 години рок на отплата.

Унгарскиот заем од половина милијарда евра го договорија премиерот Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на Самитот на НАТО во Вашингтон. Законот за унгарскиот заем беше донесен во Собранието на 17 септември, а на 8 октомври во Будимпешта министерката за финансии го потпиша договорот.

Условите под кои е земен кредитот, како што информираше неколкупати досега премиерот, се поволни – 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата. Половина од парите се наменети за општините за реализација на капитални проекти, а половина за бизнис секторот.

Слични содржини