Жалам што новиот министер во Министерството за надворешни работи на нашиот источен сосед заборава дека добрососедските политики се темелна вредност на европските вредности, без разлика дали некој е дел од ЕУ. Ние сме партнери во најголемата алијанса во човештвото – НАТО заедницата и ние таму ќе продолжиме да функционираме. Ние ќе останеме тука, но и нашите сограѓани ќе останат таму во Бугарија, рече премиерот Христијан Мицкоски по вчерашната реакција од официјалната бугарската дипломатија по повод вчерашните изјави на претседателот на македонската Влада.
Мицкоски е дециден дека наша цел е да градиме добрососедски односи, „но кога станува збор за вистината, тогаш сме тука да ја коментираме“.
-Доколку промената на Уставот не е директно мешање во внатрешните работи на една суверена и независна држава, тогаш навистина не знам што е. Би се повикал на меѓународното право и Конвенцијата за заштита на правата на заедниците и не можам да не го коментирам правото на македонската заедница во Бугарија која се темели на 14 пресуди од Судот во Стразбур. Сите треба да ја поддржиме македонската заедница која што за жал во 21-от век во земја-членка на ЕУ не може тоа право да го оствари. Тоа нема врска со внатрешните работи, рече премиерот по предавањето на акредитацијата од Меѓународната асоцијација на директори на полициски академии за стандарди и обуки (ИАДЛЕСТ).
Бугарското МНР вчера соопшти дека претседателот на македонската Влада уште еднаш покажал неразбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права.
-На овој начин, сакајќи или не сакајќи, промовира манипулативни и лажни тези, кои би можеле да се гледаат како вистинско мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, се вели во соопштението од МНР. Бугарската дипломатија потсетува дека европскиот консензус од јули 2022 година, одобрен од сите земји-членки на Европската унија и Македонија, останува валиден патоказ за напредокот на земјава во нејзиниот пристапен процес.
-Ваквите изјави ги сметаме како уште еден обид да се заобиколат преземените обврски и да се сврти вниманието на јавноста од недостатокот на реформи. Претседателот на Владата на Македонија уште еднаш демонстрира недоволно разбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права. На тој начин, сакајќи или несакајќи, промовира манипулативни и лажни тези, кои би можеле да се сметаат за вистинско мешање во внатрешните работи на Бугарија, стои во реакцијата на бугарското МНР.
Мицкоски вчера по поставување камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова нога“, одговарајќи на новинарско прашање какво е расположението во ЕУ за потпишување изјава од страна на Европскиот совет, Европската комисија или од бугарска страна, за тоа дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ, рече дека досега слушнал многу изјави, но оти треба да се гледаат делата и потсети дека високи претставници на ЕУ велеле оти промената на името на државата е последната работа што треба да се направи.
-Се сеќавам кога високи претставници на ЕУ, придружувани од високи претставници на други земји во светот, седеа пред мене и ми велеа – името е последната работа што треба да го направите. Нормално ние и тогаш бевме против, но и тогаш им велев дека не ја говорат вистината и дека не е последната работа. Треба да видиме дела, а дела според мене претставуваат признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија. Јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет и јасно и недвосмислено признавање на многувековната македонска култура, традиција, обичаи, и јасно и недвосмислено признавање на македонскиот јазик кој е официјален јазик во ОН од 1945. Мораме да ги почитуваме принципите, во спротивно имаме сериозен проблем, изјави премиерот.