Мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го објави составот на новата Влада. По состанокот на Извршниот комитет на партијата, каде што биле утврдени предлозите за кандидатите за владиниот кабинет, изјави дека Централниот комитет едногласно ги потврдил предлозите. Мицкоски објави дека ќе има три вицепремиери од неговата коалиција „Твоја Македонија“ и денес ги очекува официјалните предлози од коалицијата „Вреди“, како и од партијата ЗНАМ, по што во вторник до Собранието ќе го достави комплетниот предлог за новиот владин состав, како и владината програма.
Вицепремиер премиер и министер за транспорт и врски ќе биде актуелниот потпретседател на партијата Александар Николоски. Министер за надворешни работи ќе биде Тимчо Муцунски исто така потпретседател на партијата и актуелен градоначалник на општина Аердором, додека за одбрана Владо Мисајловски, поранешен министер за одбрана.
Министер за финансии ќе биде Гордана Димитриевска Кочовска за која Мицкоски рече дека има големо искуство за финансиите и макроекономското работење и која со него има работено во „Електрани на Македонија“.
Министер за земјоделство е предложен Цветан Трипуновски, кој беше дополнителниот заменик министер во земјоделие.
Министер за култура и туризам ќе биде актерот Зоран Љутков, за кој Мицкоски очекува дека ќе има шанса да ја промовира Македонија на надворешен план.
Министер за внатрешни работи останува техничкиот министер на оваа позиција Панче Тошковски, за кого беше речено дека се очекува бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата.
Министер за образование и наука ќе биде Весна Јаневска, која доаѓа од комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се водев од принципот на чесност и работливост, се раководев тоа да бидат луѓе кои веднаш со мене ќе засукаат ракави зашто Македонија нема време за чекање“, рече Мицкоски.
Име кое до сега не беше споменувано е министерот за локална самоуправа на која позиција ќе биде Златко Пирински, кој некое време раководел со кабинетот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Министер за информатичко општество и администрација ќе биде Стефан Андоновски, кој беше дополнителен заменик министер во техничката Влада во истиот ресор.
Министер за спорт ќе биде Борко Ристовски, ракометар и репрезентативец на Македонија.
Љупчо Димовски, претседателот на СПМ ќе биде заменик претседател на Владата и министер за политички систем.
Алтернатива вчера го избра Орхан Муртезани за нивни кандидат за министер за европски прашања, Лулзим Алиу за кандидат за заменик-министер за образование и наука и Сафије Садики-Шаини за заменик-министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Досегашниот лидер на оваа партија, Африм Гаши, е претседател на Собранието.
На седница на партискиот Централен одбор, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во петокот ги утврди своите кандидати со кои ќе партиципира во владата – Игор Филков е нивниот кандидат за министер за правда, а Горан Минчев – кандидат за министер за јавна администрација.
Мицкоски претходно најави дека предлог составот и програмата на владата ќе ги достави до Собранието задутре, по што треба да биде закажана собраниска седница за избор на новиот владин кабинет. Рокот од 20 дена за состав на владата тече од 6 јуни кога Мицкоски го доби мандатот од претседателката Гордана Сиљановска Давкова. ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај освои 58 пратеници, Вреди 14, а ЗНАМ шест.