Господинот Ѓоргиев сум го коментирал многу пати во минатото. Жалам што тој самиот се компромитираше изминативе години, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за составот на Мешовитата историска комисија со Бугарија.
Според премиерот, еден од двајцата копретседатели на Комисијата, професорот и академик Драги Ѓоргиев „коленичел пред министерски и премиерски кабинети, наместо да си ја гледа работата“.
Мицкоски информира дека на денешната владина седница, точка на дневен ред не бил составот на Историската комсија, но најави дека ќе претрпи измени и дека тоа ќе биде одлучено на една од наредните редовни седници, со новиот предлог за членови.
Ѓоргиев во изјава за „Призма“ истакна дека премиерот со изјавите ја компромитира работата на идната историска комисија.
-Неодговорна, па дури и опасна, бидејќи со неа крајно неодговорно се дехуманизираат припадници на академската средина. Притоа таа се базира на лични видувања, кои, всушност, стануваат државни и праќа порака дека секој што не ги брани националните интереси согласно тие видувања, ќе биде етикетиран и ќе сноси последици. Конечно, таа е полна со популизам затоа што премиерот се претставува себеси како познавач и заштитник на народните интереси, кој точно знае кои се тие и на кој начин треба да се бранат. А со промената на членовите ќе покаже и кои се луѓето што ќе ги одбранат, рече меѓу другото професорот.
Бугарскиот амбасадор пред истекот на неговиот мандат во Македонија, по најавите за преговори со новата бугарска Влада, изјави дека не може да се менува нешто што веќе е договорено, вклучувајќи ја и Мешовитата историска комисија.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година. Комисијата е составена од историчари и професори од двете земји, а македонскиот тим го предводи академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ.