Мицкоски им возврати на Радев и Борисов: Мислев дека ваквите анахрони пораки се дел од Средниот век

од Nikola Popovski
1,8K прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска им одговори на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов и бугарскиот претседател, Румен Радев по последните реакции во однос на уставните измени и евентуалното внесување на Бугарите во Преамбулата. Вели дека жали што од Бугарија доаѓаат „вакви анахрони пораки“.

-Мислев дека ваквите пораки се дел од Средниот век, но за жал во современа Европа, постоеле вакви политичари. Подготвен сум да седнам и да разговарам и со двајцата. Посакувам господинот Борисов да ја формира следната влада и сакам источниот сосед да има премиер кој доаѓа од истото семејство. Поминаа времињата кога кај нас имаше политичари кои беа сервилни и коленичеа, а од друга страна, во името на европското знаме, го ограбуваа народот и ја засрамуваа татковината. Треба да се навикнат на политичари кои работат деноноќно за доброто на државата и политичари кои немаат намера да виткаат кичма и да прифаќаат се и сешто што им е на маса. Јас сум за тоа да се почитуваат договорите и да се градат пријателство со соседите, да се градат мостови, но истовремено и да се почитуваме. Не е добрососедство ако едната страна е понижена, а другата ликува. Дали Мицкоски признава дека има бугарско малцинство во Македонија – да, ние како држава уште од раните 40-тите години на минатиот век, признаваме малцинства и не го оспоруваме правото. Но, ајде да видиме што се случувало во историјата кај нашиот источен сосед. Ако ги видите пописите од раните 50-ти години, ќе видите дека неколку стотици илјади граѓани кај нашиот источен сосед се декларираат како Македонци, рече Мицкоски од Драчево, одговарајќи на новинарски прашања.

Според премиерот, официјалните домашни власти се подготвени да седнат и да разговараат врз основа на факти и аргументи.

-Доколку не успееме, ќе се посветиме на домашните задачи и проблемите кои граѓаните ги имаат. И тоа е нашата политика – нови сали, училишта, патишта, економија, реформи, инвестиции, реформи, учебници… Тоа е она што го очекуваат граѓаните. Не бегаме од решение, но мора да биде достоинствено, додаде Мицкоски.

Слични содржини