Мицкоски кратко се сретнал со Шолц: Германија останува наш активен партнер и поддржувач

од Илинка Илиоска
50 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски е во Берлин, каде учествува на Самитот на земјите од Берлинскиот процес. Тој имал и кратка средба со германскиот канцелар Олаф Шолц, објави Мицкоски на Фејсбук.

„Разговаравме за економијата, политичките случувања, за потребата да се вреднуваат нашите напори кон патот на ЕУ каде за влез предолго чекаме, за потребата за внесување на енергија и динамизирање на процесите. Германија останува да биде наш активен партнер и поддржувач“, напиша Мицкоски.

На маргините на Самитот на Берлинскиот процес, премиерот Христијан Мицкоски имал и кратка средба со шефот на грчката дипломатија Герапетритис.  На Самитот, Мицкоски, придружуван од македонската делегација, вклучувајќи ги министрите за надворешни работи, внатрешни работи и европски прашања, разговарал и за регионалната соработка и економскиот развој, потенцирајќи ја улогата на Берлинскиот процес во унапредувањето на економските и политичките односи меѓу земјите од Западен Балкан.

Мицкоски информираше и за неговото учество на првата сесија на Самитот, посветена на заедничкиот регионален пазар, нарекувајќи ја „платформа за поблиска соработка и операционализирање на стратегијата за економски развој на Балканот.“ Тој истакна дека Северна Македонија мора да пронајде свој интерес во отворањето нови можности и пазари за домашните компании.

Според извештаите, Герапетритис, кој минатиот месец имаше средба со македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски во Њујорк, разговарал со него и на оваа средба во Берлин. Се очекува премиерот Мицкоски да има и повеќе билатерални средби, при што акцентот ќе биде ставен на зајакнување на партнерствата со другите земји и поддршка на Македонија на патот кон ЕУ.

На Самитот учествуваат шесте земји од Западен Балкан, нивните партнери од Австрија, Франција, Италија, Словенија, Хрватска, Велика Британија, Полска, како и Грција и Бугарија, придружени од Советот за регионална соработка и ЦЕФТА.

Слични содржини