Премиерот Христијан Мицкоски утрово објави дека чистиот воздух во државата е наше заедничко право, а загадувањето предизвик кој бара обединет одговор од сите нас. Ова е проблем што бара заеднички напори од целата заедница. Оттаму тој ја поздравува, како што вели, најголемата донација во земјата од страна на македонската компанија ЕКОТИП во вредност од 1 милион евра.
Според премиерот, оваа значајна донација на напредни прочистувачи од реномираниот германски производител Mann+Hummel ќе обезбеди воздух со највисоки медицински стандарди за најранливите категории: во градинките, училиштата, болниците и другите јавни установи каде што квалитетот на воздухот е од клучно значење.
-Оваа иницијатива не само што ќе го подобри квалитетот на воздухот во јавните установи, туку и ќе помогне во креирање на поздраво општество. Воедно продолжуваме дијалог со претставниците на германската Mann+Hummel, кои деновиве со тимот на Владата и Екотип ја анализираат можноста за понатамошна соработка со фокус на долгорочни иницијативи и заеднички развојни перспективи. Ваквите примери нека бидат повик за акција, секој придонес, мал или голем, е чекор кон поздраво општество, објави претседателот на македонската Влада.
Левица и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за тоа кое собраниско тело да ја организира надзорната расправа за аерозагадувањето. Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој воедно е претседател на Постојаната анкетна комисија, вели дека веќе закажал седница на 25-ти февруари на која ги поканил премиерот, надлежните министри, невладиниот сектор, претставници од приватните компании и инспекциските органи.
Владеачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ веќе собрало 61 пратеник и ја доставило иницијативата до законодавниот дом да се расправа за проблемот со загадениот воздух. Сметаат дека надзорната расправа што ја закажал Апасиев е незаконска, бидејќи според Деловникот само собранискиот спикер Африм Гаши може да го определи матичното тело на кое ќе се дебатира за овој проблем.
Аерозагадувањето е проблем кој изминативе 35 години државните и општинските власт се обидуваат да го решат со краткорочни мерки, среднорочни решенија и долгорочни стратегии. Сепак и понатаму во Скопје и другите градови во земјава граѓаните се гушат од штетните честички во воздухот, кои го загрозуваат здравјето на поранливите категории граѓани, особено во зимскиот период.