Мицкоски: Мора да го пронајдеме нашиот интерес во отворање на нови можности и пазари за нашите компании

од Nikola Popovski
30 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски, ја предводи македонската делегација во Берлин, каде се одржува состанокот на шефови на влади на земјите од Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес.

На социјалните мрежи Мицкоски објави дека учествувал во првата сесија од „Берлинскиот процес“ посветена на регионалната соработка и заедничкиот регионален пазар, што е форма за поблиска соработка и операционализирање на стратегијата за економски развој на државите од Балканот.

„Ние мора да го пронајдеме нашиот интерес во отворање на нови можности и пазари за нашите компании, нови форми на соработка и обезбедување на посигурна иднина“, напиша премиерот на Фејсбук.

Учесници на состанокот традиционално се шесте земји од Западен Балкан, нивните земји-поддржувачи Австрија, Франција, Италија, Словенија, Хрватска, Велика Британија, Полска, а од 2019 година и Грција и Бугарија, како и ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ, Советот за регионална соработка, ЦЕФТА и Регионалната младинска канцеларија (RYCO).

Како што соопштија од Владата, предвидени се и повеќе билатерални средби на Мицкоски.

Вчера, пак, премиерот остварил средба со македонската дијаспора во Германија. Разговарале за врските со нашата татковина, како и за борбата Македонија да биде подобро место за живеење.

Слични содржини